
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Драган Тевдовски денеска учествуваат на Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција.
На годинешниот Дијалог ќе бидат презентирани оцените на земјите за исполнувањето на насоките на ЕУ дадени минатата година во однос на Програмата за економски реформи. Се очекува учесниците на настанот да ги усвојат заедничките заклучоци од годинешниот циклус на разгледување на Програмата.
Во рамки на настанот ќе се одржи и тематска дискусија за структурните реформи коишто ќе ги спроведуваат земјите кандидатки за членство во ЕУ, со цел привлекување повеќе странски директни инвестиции и зацврстување на своите економии.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе има свое обраќање и ќе учествува во дискусијата. Во Брисел таа ќе оствари и одделни средби со повеќе свои колеги од Европа, со цел јакнење на меѓународната соработка на Народната банка.
Министерот Тевдовски исто така ќе има повеќе средби со свои колеги од Европа.
