Како изградени личности, навлезени во историската тема на револуционерната организација и тенденцијата за независна држава, ослободена од стегите на српското ултимативно владеење специјално со Македонија, не натера при напливот на новото време, кое само по себе требаше да донесе демократија и реален плурализам, да влеземе во структурите на партиите кои демек имаа нишка за сврзување со историското ВМРО. Не требаше да помине бог знае колку време за да осознаеме дека всушност во тие партии, конците ги влечат лица произлезени или изнедрени од бившите служби.

Очекувавме историски континуитет со идеалите на организацијата, а добивме контролирана „демократија„ и недефиниран плурализам, во кој се мешаа левото во десното и обратно. Како активни дејци, кои се сметат за наследници на единствената и историска организација, имено ВМРО, не натераа уште тогаш да бараме начини како да ја доближиме историската реалност до обичниот човек.

И нормално, кога контролата е во рацете на експонентите на туѓите интереси, во случајов српските, знаевме дека реализацијата на историската вистина ќе е исклучително тешка. Во ситуација на строго контролирани медиуми, едвај ли можеше  нешто поконкретно да се случи. Политичарите од нашиот ков кои успеваа по некаков начин да дојдат на позиција, многу бргу после тоа беа условно кажано ликвидирани од истите тие позиции. И тоа продолжуваше со години. Зајакната анти-бугарска реторика по сите медиуми, говор на омраза на цел глас, ниту еден јавно деклариран бугарин во општеството, беше причината да се размислува за јасно определена бугарска организација, која ќе се залага за промоција на бугарската култура, вистината за историјата и за уривање на имагинарниот железен ѕид помеѓу Македонија и Бугарија. И не само помеѓу нив.

Го формиравме Бугарскиот Културен Клуб-Скопје за да биде мост преку кој ќе помине вистината за Македонија. Го формиравме како НВО, затоа што сме уверени дека партиите не треба да се на етничка основа, туку треба да се граѓански и да се разликуват по идеолошката матрица за решавање на проблемите, а НВО се тие што треба да ги иницираат проблемите на обесправените, маргинализираните или репресираните.

Од самиот почеток, дадовме пример како може да се прескокнат десетина години од идното време.  Имено, првиот документ, со кој Бугарскиот Културен Клуб-Скопје излезе пред јавноста, како безвременска норма, и со кој се претстави пред политичките раководства на 24 релевантни земји низ светот, се разбира и пред раководството на Република Македонија, пред Претседателот на Европската комисија, Претседателот на ООН, Генералниот секретар на НАТО и Претседавачот на ОБСЕ. Чист како планински поток, јасен како бел ден, „Меморандумот во врска со спорот за името меѓу Грција и Македонија”, ја даваше единствената и историски потврдената визија за зачувувањето на името Македонија, како право и можност. За жал, не добивме ни можност да се дебатира на таа тема, специјално не, бидејки беше наметната од „некаков” бугарски клуб. Бугарија до скоро беше табу тема на овие простори. За неа само најлошото, а за оние кои се декларираа за бугари од Македонија, дури и полошо. Апсурден е моментот што сето тоа противење кон нас, нашите идеи и предлози, доаѓаше од партијата која само го злоупотребуваше името ВМРО и случајно или можеби воопшто не, на сцена ја доведе антиквизацијата, која фактички беше грчкото оружје во македонските раце. Стотина години подоцна, Каравангелис ја оствари својата идеја. Кој не верува, нека му ги прочита мемоарите, наречени Македонската борба. Тукашните „вмровци” прекрасно одиграа во полза на Грција. Колку повеќе пропагираа античност, толку повеќе поени за соседите.

Да си припомниме на еден цитат од нашиот меморандум од 2008 година: ʺСо вака режираниот спор за името, Грција се стреми уште повеќе да ја зацврсти позицијата на Владата на Република Македонија (се мисли на владата на Груевски) околу македонскиот идентитет (но строго на антибугарска основа и, се разбира, со помош на теоријата за потеклото од Александар Велики), што истовремено значи и запазување на српската контрола врз политиката, историјата, духовноста во нашата млада држава и одвраќање од евентуалното зближување меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Тоа пак значи Република Македонија да влезе во евроатлантските структури заедно со Србија и тоа кога Грција ќе реши дека е најзгодно за неа. Многу индикации говорат дека Грција има и план Б: распаѓање на Македонија по етничка линија со македонските Албанци и нејзина поделба на тој начин што Грција и Србија повторно би биле соседни држави што ќе граничат помеѓу себе.ʺ

И кога дојде моментот за на маса да се одлучува како понатаму, лидерите на двата преговарачки тима, г-нот Заев и г-нот Ципрас, успеаја да дојдат до решение кое го реши деценискиот спор, кочница за иднината на Македонија. Може да се спори за детали, но ние сме на став, дека во дадениот момент, ова е максимумот што можеше да се постигне.

Можеше и повеќе, пред десет години, ако некој пројавеше желба да го прочита нашиот Меморандум. Сега толку. Тој договор за нас е ревизија на Букурешкиот договор. Македонија веќе е држава. Да, Северна е но не е ФИРОМ, не е ни Народна, не е ни Социјалистичка. Скорешното влегување во структурите на НАТО, само ќе ја потврди државноста, која недобронамерните играчи во полза на север, сеуште сакат да ја поништат. Изјавата на министерот на одбраната на Србија, дека албанците ја остваруваат идејата за Голема Албанија, само го потврдуват тоа.

Тоа е дел од пропагандата што требаше да створи внатрешен конфлик мегю нас и албанците, а во полза на решавање на нивниот проблем со северно Косово. Тенденцијата за кавги мегю нас, секогаш доаѓаат од надвор, но ние не треба да заборавиме некои историски моменти. Во 2013 година, БККС, заедно со здружението на албанци историчари од Македонија, ја одбележа 100 годишнината од  заедничкото Охридско-Дебарско востание против тогашната  српска окупација и терор. Научната конференција беше во Струга, со учество на историчари од 4 држави, за жал, без историчаи од Македонија, кои себе се определуват за македонци, иако лично ги поканив. Бугарскиот Културен клуб одбележа и 100 години од Тиквешкото востание од 1913 година. Исто така против србската окупација во тоа време. Заложбите на БККС беа и се тие две востанија да се изучуват во училищата, така како што историски се случиле. Без искривување на историјата.

Во име на обjективната историја, ние констатираме, дека нема разлики меѓу нас декларираните како бугари од Македонија и нашите браќа и сестри кои се чуствуват за македонци по род. Како да има кога почитуваме исти историски личности!? Гоце Делчев, Даме Груев, Григор Прличев, Миладинови и многу други…Еве меѓу нас се, Рајна Дрангова, внука на маркантниот војсководец, полковникот Борис Дрангов, внуката на големиот преродбеник Кузман Шапкарев, Елисавета Шапкарева а тука е и Мише Развигоров, внук на големиот војвода од Штип, Мише Развигоров. Тука се и наши се, на сите нас, без разлика кој како се декларира во моментов, бугарин или македонец. Точно заради тоа наше чувство дека немаме национални, а схоластички разлики со нашите сограгјани кои се чувствуваат како македонци, ние немаме барање да влеземе во уставот.

Браќа и сестри, слушаме и иста музика, имаме иста култура и јазикот ни е ист! Бараме демократски простор, маса за да седнеме и да ги разглобиме сите детали, сами и ќе видите колку лесно ке се разбереме. Принципиелно слушам секаква квалитетна музика. Не ми пречи потеклото и, ако не е нападно. Верувам дека треба најчесто да ја слушаме и да се веселиме на домашната музика. Во таа насока сметам дека не е нормално во сите угостителски обекти максимално да е присутна музиката на нашиот северен сосед, а пак продукцијата на модерната бугарска музика да е потполно непозната за нас.

Патриотизам е да си ја сакаш земјата каква што е одредена од стремежите на нашите преродбеници и револуционери, а не од пропаганда. Ние ја сакаме Македонија. Во срце ја носиме, но не декларативно, ами вистински. Многу често по говори сум истакнувал, дека ние декларираните бугари од Македонија, во срце ја носиме нејзината државност, од почетокот на плурализмот до денес. Затоа што сме државотворни, излеговме на големиот митинг на опозицијата на 17 мај 2015 година, со клубските знамиња, со бугарското знаме, за да покажеме дека сме тука и  да кажеме дека не ни е сеедно што се случува со Нашата Македонија! Без да условуваме, без нешто специјално да бараме, освен она што беше ветено, а еве сега веке се остварува, ние декларираните бугари да сме реален и опиплив дел од македонското општество, затоа што е ова НАША држава и ја сакаме повеке од се.

Сакаме да се запази и да опстои. Само на тој начин сите ние ке опстоиме. Решението на проблемот со Грција, ќе донесе внатрешен меѓунационален мир. Во спротивно тензиите ќе растеа и некој во Белград ќе кроеше планови за влез на Македонија во српското сценарио за поделба на Косово. Такви игри не ни се потребни.

Треба да гледаме напред. Да ја интензивираме реализацијата на Коридор 8, по било која цена. Магистрална трансверзала од Бургас до Драч во Албанија, брза железничка врска, Софија Скопје, Тирана, со крајни дестинации на Црното море и Адриатикот. Бугарскиот Културен Клуб делува и во таа насока и ќе делуваме се додека тоа не се оствари.

Сакам да го потенцирам и моментот со решавањето на прашањето на Македонската Православна Црква. БККС учествуваше и ќе учествува во сите процеси за зближување на МПЦ со Бугарската Православна Црква. Нема начин и причини, ни канони ни догми може да го спречат приближувањето на двете цркви. Нека седнат на маса, нека се затворат во една просторија од која ке излезат со заедничко решение за заедничкиот ни корен. Црквите се само две гранки од истиот тој корен. И решение мора да има.

За на крај, сакам јавно да се заблагодарам на Премиерот Заев за две работи. Първата, затоа што на два пати ни ја отстапи салата за состаноци на Советот на Општина Струмица, за да организираме една научна конференција и една промоција на реиздадена од БККС книга. Темите и денес се табу во Македонија, а салата до тогаш не била ослободена за користење на никој освен на Советот. И тоа е по времето на диктатурата која ние како организација ја осетивме врз нашиот грб. Тогаш фактички започнаа и првите контакти со политичките дејци од Бугарија и ние сме горди на тој факт. И второто нешто за кое сме благодарни, што не удостои денес и тука по повод нашата годишнина и со тоа го официјализира на највисоко ниво нашето јавно постоење и практично докажа дека е искрен во настојуванјата за градене на едно општество за сите. Точно затоа и нашиот слоган на оваа годишнина е Заедно сме посилни. Заедно, сите грагани на Р. Северна Македонија, независно од нивната етничка припадност, но заедно и со нашите сојузници во ЕУ и НАТО.

Благодарам на Бугарија како држава која прва не призна и секогаш беше до нас во тешките за нас моменти, како мајка загрижена за судбината на своето дете. Благодариме за Договорот и конечниот почеток на кршење на непотребната железна граница мегю двете држави. Бараме слободен проток на идеи, луѓе и материјални добра.

Специјално благодарам на големиот хуманист и неуморен родолюбец, претседател на фондацијата „Българска памет”, д-р Милен Врабевски, кој не е тука со нас, но кој овозможи да се случи овој настан .

И сосема на крај, Бугарскиот Културен Клуб очекува од Владата на Република Северна Македонија и од идниот Претседател на државата, расчистување на службите, кои со години одработуваа за Белград. Доста е следење на „бугараши”, како што не нарекуваа, тормоз, репресии и гонење од работа само заради декларирана бугарштина. Но не само заради тоа. Тоа е и еден од условите за влегуване во НАТО. Итно треба да се побараат досиетата од бившите југословенски служби. Сите држави кои произлегоа од Бивша Југославија се наследнички и имаат право на тоа. Бараме место во општеството и тврдиме дека имаме потенцијал и кадри кои може да дадат придонес кон напредувањето на нашата татковина кон НАТО и Европската Унија и кон економскиот и државниот просперитет.

Дами и господа, мило ми е што имаме прилика да се дружиме, со надеж ова да продолжи и во иднината, да се срушат насадените стереотипи, да го ослободиме просторот пред нас од секакви блокади и нетрпеливост, да бидеме светлина која ја покрива темнината. Да бидеме НИЕ, за доброто на Македонија, затоа што ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ!

Благодарам на сите што не удостоивте со вашето присуство!

loading...
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO