1903 година е убиен Тома Костов Давидов, бугарски офицер, поручник, и револуционер, деец на Врховниот македонско-одрински комитет и на Внатрешната македоно-одринска револуционерна организација.

Тома Давидов е роден во градот Ловеч на 20 април 1868 година Завршува медицина. Како доброволец се борел во Српско-бугарската војна во 1885 година. Го завршува Военото училиште во Софија, каде што е соученик на Гоце Делчев и Борис Сарафов.

Како офицер се вклучува во активностите на Македонскиот комитет. Во 1895 година учествува во четничка акција на Македонскиот комитет, како војвода на чета во III Серска дружина во состав од 200 лица. Дружината влегува во Неврокопско и го превзема Доспат, заедно со Јане Сандански и Кирил Прличев. Група, на чело со стариот арамија дедо Стојо Костов, се одвојува од дружината и заминува за Драмско. Останатите четници, на чело со Тома Давидов и капитен Енју Димитров се враќаат во Бугарија.

Од оваа прва голема акција во Македонија Тома Давидов ја зема првата лекција во револуционерното движење. Тој сфаќа дека востание во Македонија не може да биде дигнато само со чети, испратени од Бугарија, а треба долга и напорна работа меѓу локалното македонско население, кое да биде добро подготвено за национална револуција.

По враќањето од Македонија Тома Давидов се вклучува во работата на тајните македонско-одрински офицерски братства и Врховниот македонско-одрински комитет. На VI-тиот конгрес во 1899 година е избран во раководството на Комитетот, заедно со Борис Сарафов, Антон Бозуков, Славчо Ковачев и Христо Саракинов. На VII-тиот конгрес во 1900 година на Македонските братства во Бугарија е повторно избран за потпретседател на ВМОК.

Во јануари 1901 година Давидов прави инспекција на  Македонско-одринските друштва во Станимашка и Рупчоска околија.

Во ноќта на 23 наспроти 24 март 1901 година Давидов заедно со другите членови на ВМОК е уапсен под обвинение за вмешаност во убиството на Стефан Михајлјану во Букурешт. Процесот започнува на 29 јули и на 2 август сите обвинети се ослободени поради недостаток на докази. Избран е за пратеник на деветтиот македонско-одрински конгрес (29 јули – 5 август 1901) од софиското друштво заедно со Михаил Ковачев.

Во септември 1902 година Давидов, огорчен од внатрешните кавги во Врховниот комитет, заминува за Македонија на чело на чета. Гоце Делчев го назначува за војвода на ревизорна чета на II-ри Битолскиот револуционерен округ, откако Давидов му вели:

„Не сум од Македонија, но за слободата на Македонија сум подготвен секој момент да дадам живот. Ќе одам таму, меѓу народот на братска Македонија да умрам, а не тука да ја трујам својата душа за неа. “

Давидов го спечелува доверието на сите реонски војводи. Во писмото до своите пријатели во Софија Давидов ги охрабрува да дејствуваат поактивно со зборовите:

„Ниту една минута да не стоиме на едно место. Како што знаеш, осветлувај го (народот), бидејќи како што рекол Шекспир, заблудата не спие, затоа пак вистината треба да се повторува 1000 пати. “

Како главен ревизор на четите во Битолскиот револуционерен округ Тома Давидов ги обиколува Охридско, Битолско, Демирхисарско и се грижи за воената подготовка на војводите и четниците, ги зајакнува дисциплината и борбениот дух со оглед на претстојното востание. Димитар Попандов пишува за него:

„Голем водач, психолог, тој ја разбираше човечката душа, сочувствуваше со маките на населението и земаше мерки, за четите да не му се во поголема тежина. Беше издал наредба, кога ќе треба чета да престојува во некое село, да не порачуваат што да им се приготовува за јадење, а четниците да бидат задоволни од она јадење што ќе им биде принесено од селаните. Самиот Давидов, кога одеше во некое село, никогаш не дозволуваше да му се постелува постелка, а спиеше само со шинелот. “

Му помага Славејко Арсов, а негови четници од тоа време се Тома Николов, Христо Настев и Лука Групчев. Тома Давидов и Лазар Поп-Трајков привлекуваат нови војводи како Георги Папанчев и Никола Андреев.

Во пролетта на 1903 година подготовките за претстојното востание се засилуваат и во Преспанско, Ресенско и Охридско четите на ВМОРО често водат борби со турскиот аскер. На 14 март 1903 година Давидов добива порака дека Горнодебарската чета на војводата Дејан Димитров е под опсада во село ‘рбино и веднаш ја крева својата чета, заедно со вооружени селани од околните села, за да се притече на помош.

На 15 март Давидов пристигнува во близина на ‘рбино заедно со 80 лица, но борбата е веќе завршена, војводата Дејан го пробил обрачот и се повлекол. Под село Оздолени, Охридско четата наидува на башибозук и при започнатата борба поручникот Тома Давидов е смртно ранет. По убиството на војводата избувнува т.н. Давидова афера, во која се уапсени околу 164 луѓе од цела Дебарца. Неговите другари го носат врз т.н.. комитски саркофаг – три попречно поставени пушки.

Благодарни селани го погребуваат во месноста Градиште во Слатинската планина и го претвораат неговиот гроб во место за аџилак. Месноста се нарекува Давидов гроб. Местото на Давидов како главен војвода го зазема Христо Узунов.

Во продолжение ви ја претставуваме песната  за Тома Давидов. Таа е сочинета од војводата Алај Беј (Никола Андреев). До нас достигнува малку видоизменета – така како што е создадена од народот. Во минатото песната е една од најпопуларните во Македонија.

loading...
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO