
Извештајот бр.13 кој ексклузивно го објави порталот Доказ, открива шокантни информации за дејствувањето на параполицијата на ВМРО-ДПМНЕ наречена Група за следење на политички противник.
Извештајот со датум 07.08.2018 година открива дека ДУИ сеуште флертува со ВМРО-ДПМНЕ, па дури размислувале и за повторна коалиција. Освен Муса Џафери, желба за коалиција имал и лидерот Али Ахмети. Додека раководството на ДУИ било за коалицирање со стариот партнер, членството преферирало соработка со СДСМ, но Џафери верувал дека при повторна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ членството брзо ќе се прилагодело!?
Ова ги потврдува коментарите за тајна соработка ДУИ – ВМРО-ДПМНЕ кои се појавија по чудното прекинување на седницата за одземање на имунитетот на Трајко Велјановски и одбивањето на Талат Џафери да закаже седница за одземање на имунитетот на поранешниот министер Љупчо Димовски.
Од Извештајот исто се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ ја сметала соработката со ДУИ како начин за доближување и додворување до САД и Американската амбасада, додека пред членството претседателот Христијан Мицкоски му покажуваше заби на помошникот државен секретар Вес Мичел и се спротивставуваше на американските интереси во земјава и регионот.
Меѓутоа, флертот на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ не е најшокатниот момент кој ни го открива овој извештај. Тајната служба на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека имала своја мрежа на соработници во ДУИ (но и Беса) преку кои добиваат информации од внатре. Воедно, поседувале компромитирачки материјали за функционери на ДУИ со кои ги уценуваат и ги врбуваат за свои соработници, методи карактеристични за тајните полиции во тоталитарните комунистички режими.
Параполицијата на ВМРО-ДПМНЕ применувала „посебни истражни мерки“ кон потпретседателот на СДСМ, пратеникот Мухамед Зеќири и ги регистрирала неговите движења и контакти. За тоа бил изготвен и посебен извештај. Не е познато дали се работи за следење или можеби имало и прислушкување на телефонски разговори. Такви фотографии од неовластено следење и фотографирање се објавени и на интернет.
И овој, како и останатите извештаи се доставени лично на рака на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со предлози кои веројатно потоа Мицкоски ги одобрувал и давал насоки за идно дејствување на партиската тајна служба.
Следењето на потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири може да го потврди тврдењето на претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски дека е предмет на следење на параполиција. Се очекува МВР и министерот Оливер Спасовски да излезат со конкретни детали за случајот имајќи предвид дека сите извештаи со дополнителни материјали (снимки) му се доставени.
