Според Џејсон Хорвиц, коресподент на влијателниот „Њујорк тајмс“, законодавците во Атина го преодолеале руското мешање на Балканот и интензивното внатрешно противење и со гласањето ставиле крај на историскиот антагонизам. Во својата статија од 25 јануари 2019, се вели уште:

„Тие ја признаа новопрекрстената нација Северна Македонија. Така беше постигнато нешто, кое во последно време се среќава ретко – победа за ЕУ ​​и за НАТО „.

Со 153 наспроти 146 гласа грчкиот парламент го расчисти патот за присоединување на Македонија кон НАТО, а евентуално и кон ЕУ. Така, позициите на Западот на Балканот ќе се засилат независно од протестите на Москва.

До неодамна Грција јаростно се спротивставуваше на правото на нејзиниот сосед да се нарекува Македонија, бидејќи така ја присвојувала грчката историја уште од времето на Александар Велики, а и тоа име внушувало имплицитни територијални претензии кон северната грчка провинција со истото име.

Во последниве месеци, Грција беше поплавена со масовни демонстрации. Ципрас ризикуваше да ја опетни својата репутација како државник и неговото решение може да му ги намали неговите шанси на изборите подоцна оваа година. Според анкетите, барем половината од Грците не го прифаќаат ниту новото име, ниту старото.

Според зборовите на Хорвиц „откако започна гласањето во парламентот, пратениците од неофашистичката „Златна зора“ ги прекинуваа обидите на левите да го прифатат договорот со извици: „Предавници“.

Мала група пратеници дури протестираа пред зградата на парламентот и покрај дождот.

Во поширок контекст заплетениот спор за името се претвори во тест за геополитичкото влијание на САД против Русија на вечно нестабилниот Балкан.

Усилијата на Грција и на нејзината соседка да се разберат беше навистина пробив, кој го развенча митот за моќниот претседател Владимир Путин и неговата способност да нанесува удар по удар на незаштитените западни демократии.

И ако г-дин Путин е во состојба да се меша во работите на Западот, тој се уште не може да предложи привлечен модел, кој да конкурира на слободата и демократските вредности, приложувани од Европа, каде Македонија упорно ја гледа својата иднина. “

Според Хорвиц има сомнежи дека за да повлијае врз гласањето во Грција, Русија плаќала на демонстранти, поттикнувала национализам од двете страни на границата, укажувала влијание врз грчки православни свештеници и како што веќе стана пракса, го залевала интернет-пространството со дезинформации и пропаганда.

Но како што велат грчки и американски службеници, „Русите ги надценија своите адути“.

„Би го нарекол непринудена грешка“ – изјави Кристофер Хил, поранешен амбасадор во Македонија. Според него Русите ги бутнаа Грците кон Америка и Европската унија, затоа што Западот е „доброто место“.

Многу влијателни фигури на Запад го поздравија договорот на Ципрас, кого до неодамна го сметаа за антиамериканското разгалено дете на европската политичка сцена.

Во 2014 година г-дин Ципрас ја повика г-ѓа Меркел „да си оди во Германија“, откако таа побара во Грција да бидат приложени тешки мерки на скратувања. Овој месец тој ја пречека радостно, а таа изрази својот восхит од него по повод решавањето на „спорот за името“

„Убедена сум дека решението е од полза за Грција, за Северна Македонија и за стабилноста на Балканот и на Европската унија.“

Хорвиц цитира некои аналитичари, според кои Русија се надевала да спречи таков развој на настаните, не на последно место затоа што нејзиниот сојузник Србија, исто така може да биде привлечена на Запад. Гласањето во петок го ратификуваше договорот постигнат минатиот јуни меѓу Ципрас и македонскиот премиер Зоран Заев.

Тогаш рускиот амбасадор во ЕУ Владимир Чижов предупреди, дека Русија нема да одговори со нуклеарни бомби, но „имало грешки кои носат последици“.

Џефри Пајат, американскиот амбасадор во Грција, кој беше амбасадор и во Украина и добро ги познава руските игрички, го предупреди Вашингтон дека Кремљ „готви нешто“.

Истиот месец американските служби пресретнале соопштенија, кои сведочат, дека Иван Саввидас – грчко-руски милијардер, поранешен пратеник во Руската Дума од партијата на Путин, денеска сопственик на фудбалски тим, работи за Кремљ и вложува усилија да пропадне договорот, плаќајќи им на демонстранти.

Тие ја предадоа пресретнатата информација на Владата на Ципрас, која неодамна беше откажала да се солидаризира со Велика Британија и да протера руски дипломати поради труењето на поранешниот руски шпион и неговата ќерка. Владата на Ципрас до неодамна изложуваше аргументи за прекратување на западните санкции спрема Русија.

Доказите за руското вмешување, меѓутоа ги загорчија односите на Русија со грчката влада – таа протера двајца Руси и им забрани на други двајца да влегуваат во земјата.

Малку подоцна грчката влада излезе со декларација дека Русија стои зад организација наречена „Имперско православно палестинско општество“, чија цел е да ги „дехеленизира“ патриаршиите, кои се противат на Московскиот патријарх. Оваа група е формирана уште по царско време во 19 век, но сега е управувана од Сергеј Степашин – поранешен руски шпион и министер.

Во септември во интервју за „Дер Шпигел“ (Der Spiegel) тој отворено повика за отцепување на Света Гора од Грција и создавање на независна монашка република – нешто како Ватикан во Рим.

Во одговор некои високи руски управници ги откажаа нивните посети во Грција, а г-дин Путин ги определи обвинувањата како „глупости“.

На пат за Србија овој месец, Путин изјавил пред српските весници „Политиката на Вашингтон и некои западни земји имаше за цел да го постават регионот под нивна доминација и тоа бил основниот фактор за дестабилизација“.

Грчкиот заменик-министер за надворешни работи Картугалос изјави во интервју во средата дека во нејзиниот обид да го спречи грчкото признавање на Северна Македонија Русија реагира, како што реагирала во Црна Гора.

(Во 2016 година според тврдења во специјален извештај руски шпиони се обиделе да ја соборат владата во малата балканска земја, откако таа се присоединила кон НАТО.)

Според изјавата на амбасадорот Пајат до грчката Македонска новинска агенција од минатиот ноември „од американска гледна точка брзото придвижување на Скопје кон членство во НАТО е клучен важен аспект во нашата стратегија за стабилизирање на регионот и намалување на штетното руско влијание“.

Но, за многу Грци, особено од северниот дел на земјата познат како Македонија, спорот со нивниот северен сосед е важен за нивниот идентитет.

За многу Грци името Северна Македонија е подведувачко, бидејќи „Македонија“ е северниот дел на Грција и античкото царство на Филип Втори и Александар Велики.

За време на граѓанската војна кон крајот на 40-тите, југословенскиот комунистички водач Тито имаше амбиција да ја прошири својата јужна република Македонија до Егејското Море.

Противници на договорот посочуваат дека Тито ја измислил македонската нација во југословенски регион, населен со Бугари, и дека поколенија на ред, словенските деца учеле во училиште дека се наследници на античката македонска историја.

Кога Република Македонија, чие население е едвај два милиони, прогласи независност во 1991 година за време на распадот на Југославија, Грците се трвожеа дека таа сеуште таи иридентистички претензии кон северна Грција.

Спротивставувањето на Грција практично го блокираше присоединувањето на Македонија во НАТО со барањето, таа да го промени своето име. Неможноста да се присоедини во пракса ја направи и ЕУ недостапна. И макар што повеќето земји во светот ја признаа Македонија под нејзиното уставно име, Грција настојуваше земјата да се нарекува Поранешна Југословенска Република Македонија, или FYROM.

„За нас, Грците, тоа е еден од најчувствителните прашање“, изјави Адонис Георгиадис, заменик-претседател на партијата „Нова демократија“, која е во опозиција на г-дин Ципрас и е жесток противник на договорот. По негова препорака во неговиот кабинет можело да се зборува само за FYROM.

„Јас сум Македонец и сум Грк“ – тврди тој.

Според аналитичари загриженоста на Грците од загуба на суверенитетот беше засилена од наметнатите однадвор долгогодишни финансиски рестрикции.

Г-дин Ципрас одсекогаш настојувал дека „договорот ги разликува географски северната грчка провинција наречена „Македонија“, и „Северна Македонија“, така што соседите нема да можат да претендираат за каква и да било врска со македонската цивилизација.“

Минатиот четвртот тој изјавил во парламентот:

„На чекор сме од историски настан по речиси 30 години бездејствие.“

Поддржувачите на Ципрас тврдат дека тој не сака нестабилна држава на своите граници, растргната од потенцијалните бугарски, албански и македонски фракции.

Според некои набљудувачи тој гони и внатрешнополитичка цел – да ги истурка своите противници од „Нова демократија“ во десниот националистички агол.

„Владата виде шанса да удри со еден куршум два зајаци“, кажал Танос Докос, директор на Грчката фондација за европска надворешна политика.

Не е јасно дали оваа политика ќе му помогне на Ципрас, затоа што досега многу Грци се огорчени.

„Тие не се Македонци, тие се Словени“

изјавил Михалис Пацикас, самопрогласен патриот кој ги организираше протестите во предвечерието на гласањето додека си го пиел кафето во подножјето на Акропол.

Тој не ги прифаќа сериозно тврдењата дека Русите имаат вмешано прсти во протестите. Парите доаѓале од грчката дијаспора во САД.

„Се работи за долари, не за рубли“, изјавил тој.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO