По собирите и опсадите на средните училишта од учениците во северна Грција, кои преку слогани тврдеа дека со Преспанскиот договор грчката влада „ја продаде и предаде Македонија“, владејачката СИРИЗА на 14 декември ќе одржи политички настан во Солун, на кој главен говорник ќе биде премиерот Алексис Ципрас за да се испрати пораката дека грчката „Македонија вели „да“ на демократијата, „да“ на солидарноста и „не“ на национализмот и поделбата“, јави МИА од Атина.

Настанот на грчката владејачка партија, против поделбата и нетолеранцијата го најави генералниот секретар на СИРИЗА, Панос Скурлетис, на прес-конференција во Солун.

Генералниот секретар на СИРИЗА, објаснувајќи зошто се решиле на ваков чекор, вели дека Договорот од Преспа е историска шанса. „Видете кои се оние кои во овој момент, од другата страна, во ПЈРМ, се борат против. Тоа се екстремните националисти. Тогаш нешто не е во ред. Не може овде, како влада, како СИРИЗА да нè обвинуваат за намалена национална свест. Некои да сметаат дека сме предавници, а во исто време, од другата страна, екстремните националисти да веруваат дека содржината на овој договор е предавство на нивните интереси“, рече Скурлетис и додаде дека тие се цврсто фокусирани на содржината на договорот. Политичкиот настан, на кој ќе говори Ципрас, ќе се одржи следниот петок во вечерните часови во спортска сала во Солун, а Скурлетис најави и други вакви настани и собири.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO