Голем дел од Вашингтон денеска е затворен, поради погребната церемонија на поранешниот американски претседател Џорџ Буш, кој почина на 94-годишна возраст на 30 ноември. Церемонијата, која ќе биде пренесувана во живо, ќе се одржи во Националната катедрала во Вашингтон, а ќе се обратат поранешниот американски претседател Џорџ Буш Помладиот, кој е син на покојникот, поранешниот канадски премиер Брајан Малруни и други. Другите тројца живи поранешни американски претседатели, Џими Картер, Бил Клинтон и Барак Обама, исто така ќе присуствуваат на церемонијата, како и актуелниот претседател Доналд Трамп.

Церемонијата е закажана за 17 часот по македонско време, кога ковчегот со останките на Буш, кој е изложен во Капитолот, со поворка ќе биде пренесен во Катедралата. По церемонијата, неговото тело ќе биде пренесено во Тексас, каде што ќе биде погребан во претседателската библиотека во градот Колеџ Стејшон, каде што е погребана и неговата сопруга Барбара, која почина во април годинава, и нивната ќерка Робин, која умрела од леукемија во 1953 година на тригодишна возраст.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO