Рајнхард Прибе, германскиот експерт за владеење на правото кој ги предводеше експертските групи на Европската Комисија во Македонија, вели дека е убеден оти владата има волја за спроведување на препораките, пишува Deutsche Welle.

 ДВ: Последниот извештај на експертската група на Европската Комисија која ја предводевте беше објавен во септември 2017. Бележи ли Македонија некаков напредок во исполнувањето на реформите?

Прибе: Прво да појаснам дека јас не сум задолжен за следење на имплементацијата на препораките, туку тоа треба да го стори Европската Комисија.

Мојот впечаток, како аутсајдер кој со интерес го набљудува развојот во земјата, е прво дека Владата многу сериозно ги сфаќа препораките. На пример, тие интензивно работат на стратегијата за судството и на други нешта. Но без да ги знам деталите за тоа што точно се работи на секоја од препораките, имам впечаток дека се работи сериозно за да се напредува во неопходните реформи во областите кои ги покривме со нашите извештаи, а кои во најголем дел се однесуваат на владеењето на правото.

Силен е впечатокот во дел од македонската јавност дека Владата беше премногу фокусирана на решавањето на спорот за името и загуби драгоцено време за спроведување на реформите. Сметате ли дека постои доволно политичка волја во земјата за спроведување на реформите?

Би бил многу изненаден доколку недостасува одлучност за спроведување реформи. Тоа навистина би ме изненадило. Секако, разбирливо е дека спорот за името и различните чекори околу Преспанскиот договор и потоа постапката за ратификување на договорот привлекоа големо внимание во медиумите и во јавноста, и секако, исто така значеа многу интензивна работа за оние кои беа вклучени во нив, но како што реков, би бил многу изненаден доколку некој одговорно тврди дека другите нешта се запоставени или уште полошо дека веќе не постои волја за спроведување на реформите.

Во речиси сите последни извештаи за напредокот на ЕК, како критика се наведуваше недостатокот на судска завршница за т.н. случаи на висока корупција. Сега конечно имаме пресуда за поранешниот премиер Груевски, но тој избега и доби заштита во земја-членка на ЕУ. Сметате ли дека ова е на некој начин парадоксално?

Корупцијата е многу голем проблем во регионот, но исто така, како што сите знаат, и во некои делови од ЕУ. Корупцијата е проблем од повеќе аспекти: имате корупција на високо ниво, на ниско ниво и работењето на нејзино сузбивање е многу важно. Секогаш одбивам да коментирам поединечни случаи, но би сакал да кажам дека е изненадување што е доделен политички азил во овој случај, и исто така е изненадување колку малку време ѝ требаше на една влада на земја-членка на ЕУ да ја донесе таа одлука.

Што би ѝ советувале на актуелната влада во Скопје, каде да ги фокусира напорите во однос на препораките. Проблемите се добро познати и се констатираат во речиси сите сфери на владеењето на правото, корупцијата, судството, јавната администрација, медиумите и.т.н.?

Во право сте дека постојат многу точки на реформската агенда и ќе Ве разочарам, но нема да одговорам на тоа прашање. Во нашите два извештаи со препораки намерно одлучивме, и тоа и го објаснивме во извештаите: да не се прави рангирање на важноста на различните препораки и ќе ви кажам зошто: затоа што ако направите рангирање, луѓето брзо доаѓаат до заклучок дека сѐ што не е број 1, 2 или 3 не е толку важно и притоа не е секогаш ни лесно да се каже ‘ова е најважно’ а нешто друго не е. Се плашам дека одговорот на Вашето прашање е дека сѐ е важно.

loading...
Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO