На вчерашното сослушување во парламентот на Унгарија за Никола Груевски, кој побара азил во државата, претставници на унгарската влада изјавија дека прашањето за азил се разгледува и врз основа на оценките на ЕУ за судството во Македонија и за условите во македонските затвори.

Вчера и денес унгарските медиуми се исполнети со наслови поврзани со Груевски, пренесува МКД. Повеќето медиуми денес соопштија дека Службата за имиграција и азил во Унгарија веќе одлучила за бараниот азил на поранешниот македонски премиер. Некои медиуми објавија дека одлуката е позитивна.

Вчера Груевски беше предмет на дискусија и на парламентарна сесија, посветена на парламентарните прашања на опозицијата. За време на расправата на фасадата на унгарскиот парламент беше спуштен огромен постер со ликот на Груевски со натпис „ВИП мигрантот на Орбан“.

Од кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера во парламентот во Будимпешта соопштија дека при одлучувањето за азилот на Груевски треба да се земат предвид и условите во македонските затвори, како и ситуацијата со македонското правосудство кои добиваат лоши проценки во извештаите на Европската комисија и Советот на Европа. Тие тврдат дека не се сигурни дека Груевски бил исправен пред фер судење, при што добил казна од две години затвор.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO