Косовскиот премиер Рамуш Харадинај го предупреди претседателот на државата Хашим Тачи дека може да биде разрешен и да одговара за кршење на Уставот и законите доколку во дијалогот со Србија потпише договор со кој ќе се повреди територијата на Косово, јави МИА.

Харадинај, во интервју за телевизијата Т7 синоќа изјави дека неговата партија, Алијансата за иднината на Косово (ААК), без двоумење ќе гласа за разрешување на Тачи доколку се согласи за промена на границата или размена на територии со Србија и дека истото ќе го сторат и другите парламентарни партии.

Премиерот рече дека промената на границата е сценарио на српскиот претседател Александар Вучиќ и дека тоа сценарио не предвидува размена на територии, односно припојување на Прешевската Долина кон Косово, како што тврди Тачи.

„Идејата на Вучиќ е Србија да го добие северниот дел од Косово, богат со рудни ресурси, а во замена за тоа Косово нема да добие никаква територија, туку единствено признавање на независноста од страна на Белград“, рече Харадинај во емисијата „Пресинг“ на Т7.

Харадинај ја оцени како грешка средбата на Тачи со рускиот претседател Владимир Путин, затоа што, како што рече, Косово припаѓа на друга зона на интерес, односно на „западната, американската и европската зона на интереси“.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO