Македонија годинава ќе забележи економски раст од 2,1 отсто, прогнозира Европската комисија во есенскиот извештај за економиите на земјите членки на ЕУ и државите кандидати. ЕК за наредната година предвидува македонската економија да порасне за 2,8 отсто, а во 2020 година за 3,1 процент.

Во делот за Македонија се наведува дека економското опоравување на земјата ќе зависи од политичката состојба и нивото на инвестиции. Главните ризици се поврзани со можната политичка нестабилност што може да ги одврати инвеститорите.

Според последната проекција на Народната банка на Македонија, растот на економијата годинава ќе биде 2,3 проценти, наспроти владините очекувања од 2,8 отсто. Владата на почетокот на годинава прогнозираше раст од 3,2 отсто, но со ребалансот предвидува тој раст да биде помал.

Европската банка за обнова и развој очекува раст од 2 отсто, Светската банка 2,5 отсто, а најмал оптимизам има кај ММФ, кои ги намалија проекциите за раст на македонската економија на 1,6 отсто.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO