Веќе е видливо дека ВМРО-ДПМНЕ се движи кон изолација, и спрема надвор, и спрема сите други политички фактори во државата, но и спрема сите свои членови кои за едни, други или трети теми имаат различно мислење од претходното и од сегашното раководство, вели пратеникот Илија Димовски во пишана изјава.

ВМРО-ДПМНЕ сама се довела во ситуација да го изгуби капацитетот да влијае на било кој сериозен политички процес во земјата: „Партијата веќе подолго време не успева да оствари ниту една од своите политики и заложби токму заради оваа изолација. Така и нашите поддржувачи губат верба дека било што и да е став и заложба на ВМРО-ДПМНЕ тоа некогаш може да стане реалност и да се ефектуира“, пишува Димовски.

Штета е и што партијата внатрешно во себе, наместо да се шири, развива и расте, да прибира повеќе луѓе и идеи околу себе таа континуирано се занимава со бркање т.н. предавници, непријатели и нелојални членови: „Се додека не се воведе принципот на почит и поддршка за различно мислење од официјалниот став на партијата по однос на политиките, ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да напредува. Во тој контекст размислувам и дека нападите, разрешувањата и исклучувањето на луѓе во последниот период се избрзани и резултат на некорисни емоции и сериозен афект од состојбата“.

„ВМРО-ДПМНЕ растела секогаш кога прибирала луѓе околу себе. Сакам да подвлечам дека нема да учествувам во ниту една нова фингирана битка, игра и пресметка во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи почнувајќи со Конгресот во Валандово па се до ден денес сите се такви, фингирани“, пишува Димовски.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO