Косовскиот претседател Хашим Тачи се надева дека пред следната пролет ќе има постигнат договор со Србија, кој ќе вклучува промена на границите и размена на територии, соопшти МИА.

„Промената на границите не е идеја која сакам да ја претставам но по конфликтите и преговорите можам да заклучам дека ова е единственото разумно решение и за двете страни. Ако двете страни се согласат, никој не може да им се спротивстави. Таквиот договор носи стабилност „, рече Тачи за француската телевизија“ Франс 24 „.

Тој, исто така, им предложи на оние кои се против предлогот да проверат дали има подобар начин и посочи дека со размената на територии нема да се отвори Пандорината кутија, а дека таа веќе е отворена.

„Србија и Косово постојано си пречат во моментов. Без овој договор иднината и на Косово и на Србија е блокирана, а јас не сакам тоа да се случи „, рече уште Тачи.

Тој посочи дека за да биде прифатен еден таков договор од косовската страна, тој треба да содржи признавање на Косово и негово членство во ОН.

Тачи посочи дека добил позитивни сигнали од Русија дека ќе го повлечат ветото за признавање на Косово во Советот за безбедност на ОН. Тој исто така додаде дека правата на Србите во Косово ќе бидат почитувани во случај на промена на границите и неговата земја ќе остане мултиетничка.

Тачи изрази надеж дека високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини ќе „продолжи да го води процесот со нова динамика“ и дека „во следните недели“, тој ќе има нова средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој ги повика сите членки на ЕУ да се обединат зад заедничкиот договор меѓу Приштина и Белград.

Засега Германија отворено се спротивставува на секој обид за размена на територии и промена на границите меѓу двете земји.

Тачи, кој имал средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Ереван, истакна дека тој му рекол дека е важно двете страни да постигнат договор и не е исклучена можноста за промена на границите.

Оваа идеја за промена на границата ќе биде преседан, призна Тачи, но тој ќе биде „позитивен преседан“.

Запрашан за рок, косовскиот претседател рече дека се надева дека ќе постигне договор пред следната пролет.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO