Рускиот бизнисмен со грчко потекло Иван Савидис работел како руски канал за поткопување на договорот меѓу Македонија и Грција кој значи влез на земјата во НАТО, пишува „Њујорк Тајмс“ повикувајќи се на американските тајни служби кои во јуни ги пресретнале комуникациите. „Њујорк Тајмс“ пишува дека кога американските безбедносни служби забележале обиди за руско мешање во претседателските избори во САД, телата за национална безбедност и разузнавачите формирале т.н. тело за борба против руското мешање и во Европа односно во изборите во некои европски земји.

Кон крајот на минатата пролет ова тело забележало дека една од целите може да биде Македонија. Медиумот пишува дека Москва не била задоволна, а три дена по потпишувањето на договорот на конференција во Атина, руски дипломат издал остри предупредување за членството на Македонија во Алијансата. Според објавеното, Стејт департментот, ЦИА, Европската команда на Пентагон со седиште во Штудгард, работеле на оваа проблематика. Во меѓувреме, противниците на референдумот веќе излегле на површина, а во текот на летото во Македонија се појавиле стотици нови веб-страници преку кои се бараше бојкот на гласањето и преку Фејсбук објави се повикуваа Македонците да ги запалат нивните гласачки ливчиња и се објавувале класични дезинформации.

Од пресретнувањето на комуникациите (електронска пошта, СМС-пораки, телефонски повици), се наведува во текстот, произлегува дека Савидис ги плаќал демонстрантите. „Еден висок официјален претставник на САД изјави дека американските агенции можат лесно да соберат финансиски податоци кои го ставаат Савидис зад исплатите на граѓаните и фудбалските навивачи да поттикнат насилство против референдумот во Македонија“, пишува „Њујорк Тајмс“ додавајќи оти според истражувачките извештаи на противниците на кампањата за референдум им биле исплатени најмалку 300.000 евра или околу 350.000 долари.

Информации за мешање на грчко-рускиот бизнисмен за поткопување на Договорот од Преспа, се појавија и во текот на летото, но преку соопштение групацијата компании на бизнисменот Савидис, остро ги демантираше натписите во медиумите, отфрла секаква вмешаност во протестите во Македонија и најавува тужби против авторите и медиумите на објавениот текст во кој што се споменува неговото име.

„Јасно ставаме до знаење дека бизнисменот Иван Савидис нема никаква врска или вмешаност со она што се споменува во апсолутно невистинитиот и крајно клеветнички текст. Затоа, веќе во следните часови и искористувајќи ги сите правни средства што ни се на располагање, ќе поднесеме тужба против медиумот, како и до авторите на оваа неоснована објава“, наведоа тогаш во соопштението од групацијата компании во сопственост на Иван Савидис.
„Њујорк Тајмс“ пишува и дека американските тајни служби остануваат вознемирени околу ова прашање бидејќи иако гласањето на референдумот минатиот месец не беше во доволен број, сега на ред е да одлучи македонскиот Парламент, можеби веќе оваа недела, од што ќе зависи дали земјата ќе се приклучи на НАТО.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO