Делегација предводена од премиерот Зоран Заев беше во официјална посета на Белата куќа, каде што се состана со потпретседателот на САД Мајк Пенс. Премиерот даде кратко интервју за МИА непосредно по настанот.

„На средбата со потпретседателот Мајк Пенс бевме сериозно охрабрени за успех на претстојниот референдум. САД беа со нас за време на целиот процес за изнаоѓање на решение на спорот за името со Грција, за да го поттикнуваат и мотивираат. Од нашата независност досега САД и дале на Македонија над 1,25 милијарди долари во сите области. Поддршката беше во областа на одбраната, образованието, судството и други области. Америка е најголемиот партнер во нашите нови односи со Алијансата и верувам дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина „, коментираше премиерот Заев за односите со САД.

Тој се обрати кон македонската дијаспора во Северна Америка, меѓу која е познато дека има поделеност во врска со влезот на Македонија во НАТО и ЕУ: „Би сакал да ги повикам сите наши сограѓани кои живеат во Америка, но и насекаде во нашата дијаспора да ја поддржат Македонија да го исполни посакуваниот стремеж на нашите татковци и дедовци. Тој се состои во тоа конечно да бидеме земја која е призната од целиот свет, во која живее македонски народ признат од сите, со потврден идентитет, која никој повеќе нема да го оспори и со потврден и признат од целиот свет македонски јазик. Сите ние треба да бидеме горди на ова. “

За стравувањата во дијаспората премиерот Заев пројави разбирање.

„Ја споделувам вознемиреноста во нашата дијаспора дека додавката „северна“ во името не е лесно да се прифати. Но, нема друга Македонија, освен нашата. Северниот дел на Грција е Грција, западниот дел на Бугарија е Бугарија. Ова е само нашата Македонија и нема да има друг во светот. И знаејќи каква перспектива и даваме на државата, но пред сите наши деца и генерациите по нас, верувам дека тоа навистина е сериозна причина да се обединиме. Со овие зборови, сакам да ги мотивирам сите. Без оглед на тоа дали сме регистрирани и дали сакаме да гласаме или не, мислам дека на Македонија й треба поддршка од дијаспората. Но овој пат е важно сите, без разлика каде сме, дома или во Австралија, Канада, Америка или Европа – сите да дадеме поддршка на она што е единствена алтернатива за нашата Македонија „, изјави Заев.

Дописникот на МИА од Вашингтон Борис Камчев обрна внимание на помошта која ја добива Македонија во борбата против инвазијата на руски хакери на социјалните мрежи со цел бојкот на референдумот.

„Русија јавно изјави дека е против членството на Македонија во НАТО и тоа е нивно законско право“, рече македонскиот премиер. „Ние укажуваме насекаде дека нема алтернатива за нас, освен полноправно членство во НАТО и во ЕУ. Сакаме да градиме пријателство со Руската Федерација и да ги подобриме односите, но повеќе од 80% од граѓаните се за членство во НАТО и ЕУ. Може да има некои активности кои се развиваат во социјалните мрежи. Но, не можам да кажам дека тоа е непријателство кон Македонија.

Ние не добиваме никаква конкретна поддршка од САД за борба против руската пропаганда. САД тоа не го поддржуваат во принцип. Ние самите се справуваме со лажни вести. Ги користиме сите инструменти кои ги имаме на располагање, како новинарски здруженија, асоцијации за етички стандарди во новинарството и ние како влада со нашите сектори за односи со јавноста ги поддржуваме овие напори, преку споделување на вистински вести и потиснување на лажните. Насекаде има лажни вести, не само во Македонија, тоа е глобален тренд. Гледам дека има некои алатки за да се зголеми размената на лажни вести и овие алатки се користат од луѓе и групи, веројатно надвор од Македонија. Немаме докази дека тоа е платено од нас, тоа сигурно доаѓа од надворешни играчи, но граѓаните се доволно мудри да разберат што е реално и што не е во ред со вестите. Ние се обидуваме да ги отстраниме овие дезинформации, за да може вистински и проверени информации да стигнат до граѓаните, бидејќи врз основа на точни и проверени информации граѓаните ќе донесат правилна одлука за референдумот и за процесите по него. “

 

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO