„Ова не се лични ставови на пратеници, туку усогласен и добро разработен план, кој се спроведува со точно утврдена динамика“. Вака извор од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го објаснува ненадејниот наплив од изјави на дваесетина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои во рок од само неколку часа преку нивните фесјбук-профили објавија дека нема да гласаат за уставните измени во Собранието, без разлика каков ќе биде исходот на референдумот, пише Deutsche Welle.

Нивните искази почнаа да се редат уште истата вечер кога партискиот лидер Христијан Мицкоски во дебата на ТВ „21“ децидно изјави: „Ако референдумот биде успешен и мнозинството гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна, ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува“.

„Да, изгледа нелогично, но е сосема логично“, објаснува нашиот соговорник од партијата, откривајќи ги мотивите за ваквата лавина од изјави.

„Нема мистификации. Мицкоски официјално мора да остави ‘конструктивна слика’ дека не повикува на бојкот, туку секој сам да реши како ќе постапи. Но практично мора да направи силна мотивација за бојкот. Најдено е решение тоа да се оствари преку пратениците: тие да повикаат на бојкот и да кажат дека нема да гласаат за уставните измени. Мицкоски ќе се правда дека не ги контролира пратениците бидејќи се избрани во мандатот на Груевски и дека се уште му се лојални нему. Со тоа адресата за пазарење ја насочува директно кон Груевски, а тој останува со чисти раце. Тоа е тоа“, вели партискиот извор.

Истовремено, не е загрижен што ваквата двојна игра е прилично проѕирна.

„Проѕирна или непроѕирна, ние со тоа не се оптоваруваме. Нас ни е битно да успее бојкотот“, дециден е тој.

Дека партијата навистина не се оптоварува со ваквата рашомонијада, сведочи и изјавата на партискиот потпретседател, Александар Николоски. Запрашан како ќе постапи на претстојниот рефререндум, тој во интервју за „1 ТВ“ изјави дека „не би сакал сега да открива, за да не изврши влијание врз гласачите“. А тоа го изјави токму на денот кога дваесетината пратеници соопштија дека ќе го бојкотираат рефрендумот, со што, според ваквиот став на Николоски, најдиректно извршија влијание врз гласачите. За да биде конфузијата уште поголема, запрашан на прес-конференција – дали постапката на пратениците е организиран став на партијата и дали е спротивна на ставот на Мицкоски, Николоски одговори: „Не мислам дека ставот на пратениците се противи на ставот на претседателот на партијата. Пратениците се најсилниот дел од ВМРО-ДПМНЕ. Тие ја чувствуваат вибрацијата на граѓаните. Тие се во секојдневна комуникација со граѓаните и штом дел од нив решиле вака јавно да го кажат својот став, значи дека тоа е она што го добиваат како вибрација од граѓаните, сакаат да го пренесат и тоа е апсолутно за почит“.

Кога на ова ќе се додеде и синоќешната порака на Мицкоски пред граѓаните на Свети Николе („Не потпаѓајте на притисоците и заканите од партиските војници на Заев и СДСМ, бидеќи ова што и се случува на Македонија многу брзо ќе заврши“),  станува јасно дека вистинскиот, а не официјално декларираниот став на опозициската партијата за рефрендумот е – отворен бојкот!

Стратегија за уривање на рефрендумот

Во ваквите намери воопшто не се сомнева поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓулистана Марковска, која заедно со основачите на партијата предводени од Љубчо Георгиевски уште пред две недели јавно ги повикаа граѓаните да излезат на рефрендумот и да гласаат „за“.

„Со јавните објави на дваесетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ дека никогаш нема да ги гласаат уставните измени без оглед на исходот од референдумот, и тоа откако лидерот на партијата јавно порача дека тие се должни да го слушаат гласот на народот, продолжува двојната игра на најголемата опозициска партија во македонското Собрание“, вели Марковска.

„Тоа значи дека која било опција да победи – и успешен и неуспешен референдум, тие се ‘гласот на народот’, а не оние кои имаат цврст и решителен став дека ова прашање еднаш мора да има своја завршница и Македонија и новите генерации да тргнат по нов пат. Не може партијата да биде расштиман оркестар со ‘аргументи’ кои ќе бидат доволно растегливи за тие секогаш да бидат на победничката страна. Пратениците кои се по правило гласот на сите избирачи а не само пратеници и заробеници на сопствената партија, не може без да го знаат исxодот од референдумот однапред да одат против решенијата кои би произлегле од него. Тоа значи дека го потикнуваат народот од тивок кон јавен бојкот, што никаде во светот не е пример за демократско однесување. Двојните игри секогаш биле препознавани и од нив немале бенефит налогодавците. Партијата која ги удри темелите на државоотворноста, го губи компасот во ова ново државотворно време“, оценува Марковска.

И Павле Трајанов, лидер на владејачкиот Демократски Сојуз, нема дилема кон што водат одлуките на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие се во насока на поддршка на бојкотот кој го афирмира раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Во суштина се работи за стратегија да се урне референдумот за да се отвори простор за постигнување договор за амнестија, формирање заедничка влада и одржување на парламентарни избори заедно со претседателските. Оваа операција нема да успее, но може да ја дестабилизира државата, со тешки последици врз внатрешната кохезија и ‘давење’ во балканската кал. Затоа е потребно разумно однесување од секој граѓанин и масовно гласање на 30-ти септември, при што успешниот референдум ќе го детерминира и односот на секој пратеник кон уставните промени и евроинтеграциските процеси“, порачува Трајанов.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO