Досието Попиванова –Роман кој не води назад во историјата и ги потполнува сите празнини…

Романот „Досието Попиванова“ започнува уште во далечната 1900 година – кога тогашна Македонија е сè уште под власта на веќе застарената и гнила Османска Империја, чиишто властодршци го тормозат веќе петти век обичното христијанско население во македонската земја. Во таа 1900 година се случува инцидент во кој е вмешан Даме Попов – првата клучна фигура во романот „Досието Попиванова“, а воедно и родител на главниот лик во романот – Зора Д. Попиванова. Попов донекаде принуден поради инцидентот кој што ќе се случи во неговото родно село, но повеќе од психолошки и патриотски побуди ќе се одлучи да стане член на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација (ВМРО), која засилено дејствува на територијата на Македонија и го мотивира месното нетурско население да се дигне на востание против тиранската османска власт. Полагајќи клетва пред Организацијата, го напушта семејството и станува четник (комита), но со тек на време неговото воинствено искуство и инстинкт за преживување ќе го претвори Даме Попов во ожесточен војвода на тајната македонска револуционерна организација. Ќе се увиди неговиот надчовечки напор истовремено да дејствува и како лице-член на тајната Организација, но од друга страна усрдно ќе се бори да го зачува бракот, семејството, како од растурање, поради постојаното негово отсуство од родното огниште така и од одмаздата на турските власти, кои во секој миг би посегнале на неговата сопруга и деца…

Неговата бујна револуционерна дејност која почнува во 1900 година, завршува со настапувањето на крајот на Првата светска војна во 1918 година, кога Попов е принуден со семејството (сопругата и четирите деца, од кои најмала е Зора Попиванова) да емигрира во Софија, главниот град на Бугарија, која во тоа време е главно прибежиште и засолниште на скоро сите членови на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, но и на огромен број напатени Македонци, кои бегајќи од жестокоста на новите македонски тирани (Кралска Jугославиjа и Грциjа) – имено кралска Југославија, оставајќи родни огништа и домови зад себе емигрираат во соседна Бугарија, каде се чувствуваат како слободни граѓани и таму формираат домови, семејства, но и се реализираат на професионален план и се вклопуваат идеално во новото бугарско општество.

Времето, годините си поминуваат, меѓу двете светски војни Македонија е оставена во рацете на новата тиранска југословенска кралска власт и кога се на Македонците им изгледа безнадежно – дека патот кон македонската слобода е всушност едно беспаќе, слепа улица, точно тогаш на големата европска сцена се засилува виорот на новата (Втората) светска војна и под сплет на околности македонската земја одново е припоена кон бугарската држава. Под таков сплет на околности многу македонски семејства, кои емигирале кон крајот на Првата светска војна во Бугарија се враќаат покрај родните огништа во татковината Македонија. Едно од тие семејства што ќе се одлучи на таков чекор е и семејството на бившиот македонски војвода Даме Попов. Неговата најмала ќерка Зора Дамева Попиванова доаѓа во Прилеп со високо за тоа време образование, завршено во Софија и на таков начин најпрво се вработува во прилепската локална полиција, а подоцна станува дел од Државната Сигурност на царство Бугарија… Во истото време кога се изградува кариерно, работите на македонската сцена се влошуваат – партизанското движење дејствува засилено против месната бугарска власт и Попиванова е принудена да презема дејства кои понекогаш се против нејзината волја… Работите тргнуваат во сосема погрешна насока за неа, и токму поради тие дејствија, после завршувањето на Втората светска војна и настапувањето на новата комунистичка власт во СФРЈ но и во Бугарија, Попиванова е исправена пред амбис – ја чека тешка робија или смртна казна… Животот ќе ѝ се искомплицира максимално, а завршницата е сосема неочекувана…

Романот „Досието Попиванова“ се базира исклучиво на факти, запишани во историски документи, но пред сè приказната е базирана на досието на самата Зора Д. Попиванова, делови од кое се чуваат и во Македонскиот Историски Архив, но и во Архивата на бугарската Државна Сигурност, од кое дознавме дека Попиванова доживотно била следена од комунистичката власт, а претходно подложена и на психолошки експеримент, на кој се подложени огромен број на лица, осудени како „црни души“ или „непријатели на комунизмот“… експеримент, кој го одзел животот или сознанието на многу од тие души…

Авторот на овој роман Миланчо Јанкоски се судрил со животната приказна на главниот лик Зора во романот „Досието Попиванова“ уште во далечните 90-ти години на 20. век. Но, во самите почетоци воопшто не ни помислувал дека од животната приказна на гореспоменатата личност еден ден самиот тој, авторот, ќе создаде обемен роман, кој во себе ќе носи тешка историска и филозофска вредност. Роман, кој во себе ќе крие доста тешки и мрачни вистини, кои умислено се држени во сенка и строга тајност, подалеку од перцепцијата на обичниот народ, како во Македонија, така и во соседна Бугарија.

Корицата е дизајнирана од Ѓорѓи Станковски. Колоризирани се старите фотографии и вметнати меѓу силни бои- бои кои ја претскажуваат мрачнината и негативноста внатре. Погледнете го неговото портфолио тука.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO