Руската православна црква ги прекина своите „дипломатски односи“ со Вартоломеј I – духовен лидер на православните христијани кој се наоѓа во Истанбул. Причината за расколот е негова дозвола украинската црква да прогласи независност.

Како вселенски патријарх од Вартоломеј се очекува да го раководи барањето на Киев да стави крај на духовните врски со Москва поради воениот конфликт во источниот дел на Украина.

Тој испрати двајца свои претставници во поранешната советска република овој месец, што предизвика гнев на Русија.

Така,раководителите на Руската Патријаршија одлучија да ги прекинат врските со ривалот со седиште во Истанбул за време на денешната вонредна средба.

„Вселенската Патријаршија на Константинопол ја наруши канонската територија на Московската Патријаршија со тоа што испрати егзарх во Киев“, изјави митрополитот Иларион, раководителот за меѓународни работи во руската црква.

Тој зборуваше, откако Светиот синод на руската црква одлучи дека повеќе нема да остварува заеднички служби со патријархот на Константинопол и патријархот Кирил ќе престане да го споменува Вартоломеј во своите молитви.

Руската православна црква повеќе нема да биде дел од епископските собранија и сите други комисии и структури во кои ќе учествуваат претставници на Вартоломеј.

Ако Вселенската Патријаршија продолжи со своите „неканонски активности“, врските ќе бидат прекинати целосно.

„Целосната одговорност за овој раскол ќе лежи на патријархот Вартоломеј и на свештениците кои го поддржуваат“, се вели во соопштението на Руската Патријаршија.

Рускиот патријарх Кирил, кој се смета за силен сојузник на претседателот Владимир Путин, сака да спречи формирање на независна украинска црква.

Таквиот потег може да доведе до сериозен удар врз авторитетот на Руската православна црква во православниот свет.

Иако Вселенската патријаршија во Цариград е најстарата православна црква, руската патријаршија со седиште во Москва е најсилна со најголем број верници.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO