Државната изборна комисија го утврдува изгледот на гласачкото ливче за референдумот закажан за 30 септември. 13 милиони денари ќе бидат потрошени за печатење на ливчињата во печатницата „Киро Дандаро“.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски информираше дека од безбедносни причини изгледот на гласачкото ливче Комисијата ќе го утврдува на затворена седница за јавноста и дека се водело сметка заштитата на гласачките ливчиња да биде на највиско можно ниво за да се избеганат сите евентуални шпекулации. Членовите на Комисијата го усвоија Упатството за важечки и неважечки ливчиња на референдумот. За важечко ливче ќе се смета она ливче на кое ќе се заокружи „за“ или „против“ со сино пенкало. „Со штиклирање и ставање „х“ ливчето ќе биде неважечко, потенцираше членот на ДИК Елизабета Постоловска.

Според податоците на ДИК, помалку од 10 гласачи има во 81 избирачко место во 27 општински изборни комисии. Во овие избирачки места нема да се спроведе гласањето за референдумот, но овие граѓани ќе бидат упатени да се изјаснат во најблиското избирачко место не помалку од три километри од неговото населено место.

Гласањето на референдумот на 30 септември ќе се одвива во 3.480 избирачки места, а според заклучениот Избирачки список, право на глас имаат 1.806.336 граѓани.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO