Премиерот Зоран Заев пред неколку минути се обрати пред Европскиот парламент, на покана на неговиот претседател Антонио Тајани.

Тоа, како што рече Заев, е првото обраќање на македонски премиер на македонски јазик во Европскиот парламент.

„Ова е историски момент за нашиот македонски народ. Ова е прв пат кога премиер на нашата земја држи говор пред Европскиот парламент на својот мајчин јазик „, рече Заев.

Премиерот ја објасни важноста за Македонија од склучувањето на Договорот од Преспа на европратениците и членовите на Европската комисија, присутни во салата и упати благодарност до својот грчки колега Алексис Ципрас.

Референдумот на 30 септември, рече Заев, е референдум за втората независност.

„За Република Македонија, ова е можност која толку долго ја чекавме. Во 1991 година гласавме за независност. На референдум. Сега, повторно на референдум треба да го направиме следниот чекор: да создадеме реална можност да станеме 30-та земја-членка на НАТО и да почнеме да затвораме глава по глава до членство во Европската унија, во европското семејство. Референдумот на 30 септември е многу повеќе од само референдум за Договорот од Преспа. Ова е референдум за иднината. Ова е референдум за нашата втора независност „, рече Заев.

Како премиерот Ципрас пред два дена, Заев исто така, истакна дека решавањето на спорот за името може да послужи како пример за решавање на други билатерални спорови.

„Ние сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан и даваме силна поддршка за изнаоѓање на одржливи решенија базирани на европските вредности и меѓународното право, кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготви за интеграција во ЕУ“ , рече македонскиот премиер.

Тој ги посочи причините зошто „нема силна ЕУ без успешен Балкан“.

„Успешен Балкан е интегриран во ЕУ Балкан. Оваа визија не мотивираше да го направиме историскиот чекор и на тој начин да ги охрабриме процесите на помирување, градење на единство и сојузништво во регионот „, рече премиерот.

Тој потсети на важноста на регионот за справување со миграциската криза и истакна дека инвестициите на Балканот се инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа.

Премиерот ги увери европратениците дека Македонија прави максимални напори за да одговорат на стандардите на Европската унија.

„Ние ги знаемр препораките, тие се нашите приоритети: независни и демократски институции, владеењето на правото, борбата против корупцијата и професионална јавна администрација како сервис за граѓаните“, рече премиерот.

Заев потсети дека Македонија е „еден вид смалена Европа“, „европска приказна со добар крај, како автентичен модел на функционална мултиетничка демократија. Ние секојдневно живееме со европското  мото „Обединети во разликите“, додаде тој.

Заев истакна паралели меѓу кризата низ која поминува Европската унија денеска и политичката криза низ која поминува Македонија – борба на отвореното општество против авторитарниот национализам.

„Политичката криза, низ која минавме е всушност борба за вредности, која се одвива и во европски и светски рамки – борба за либералните вредности на владеењето на правото, човековите права и слободи, демократското управување, отворената економија против авторитарниот национализам“, рече премиерот.

Во заклучокот, Зоран Заев посочи дека младите во Македонија сонуваат да бидат дел од европското семејство.

„Да, нашите луѓе сакаат да бидат дел од ова семејство. Ние се чувствуваме европски и припаѓаме на Европа. Во 1991 година, кога бев на 17 години, тоа беше сè, за што сонував: да бидам дел од европското семејство. Да има европска иднина. Нашите млади луѓе сонуваат за тоа денес. Сега, 27 години подоцна, како премиер, од името на граѓаните на мојата земја, зборувам во Европскиот парламент на својот македонски јазик „, заклучи Заев пред пратениците

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO