Балканот секогаш бил „јаболко на раздорот“, пишува „Ноје Цјурхер Цајтунг“. Во интервју за весникот историчарката Мари-Жанин Калик ги бара корените на ривалството меѓу Истокот и Западот и нивната борба за влијание во регионот.
На крајот на 19 век, Великите сили силно се растревожени од таканареченото „Источно прашање“ – се зборува за „болниот човек на Европа“. Историчарот Мари-Жанин Калик посочува дека постепеното распаѓање на Отоманската империја го дестабилизира Балканот. Затоа Велика Британија, Австро-Унгарија, Русија и Франција се чувствуваат силно загрозени: „Секоја територијална измена значи ново распределба на силите и закана за нивните империалистички интереси“, појаснува Калик. На фонот на нарастувачките тензии убиството на австро-унгарскиот престолонаследник во почетокот на 20-тиот век е само „поводот, но не и причината“ за избувнувањето на Првата светска војна, истакнува историчарката.
Зошто Великите сили се заинтересирани за регионот? Според Калик, Русите сакаат да ги контролираат водите на Средоземното и Црното Море, за да распоредат таму воени бродови, како и за да пренесуваат жито на балканските пазари. Освен тоа Русија се перцепира како „чувар на православните малцинства“ и затоа ги поддржува востанијата на „словенските браќа“, објаснува таа. Австро-Унгарија се обидува да ја задржи империјата непроменета, а Велика Британија и Франција се особено загрижени за безбедноста на трговските патишта во источниот дел на Средоземното море.
Кои земји си соперничат денес на Балканот?
Русија ја задржала блискоста до словенските народи и до денес, но православната врска е поскоро симболична, посочува историчарката. За разлика од 19-от век, денес за Москва, Балканот е повеќе сцена на нејзините мечти за власт. Односите на Русија со западните земји значително се изострија по анексирањето на Крим. Балканот за Москва претставува зона каде што може да демонстрира влијание и да врши притисок врз Западот. „Русија ја поддржува Србија во политиката против Косово и сака да ја спречи Црна Гора да влезе во НАТО. Демонстративното руско поведение во регионот цели да ги зајакне уште повеќе позициите на Путин во својата земја, тврди Мари-Жанин Калик. „Општо земено, влијанието на Русија во регионот се натценува. Земјата нема ниту план ниту стратешка визија за регионот – за разлика од поранешниот СССР „, категорична е Калик.
Што се однесува до наследникот на Отоманската империја – Турција, нејзиното присуство на Балканот е најзабележително во Босна и Херцеговина, вели во интервјуто Мари-Жанин Калик. Според неа, Турција си осигурила влијание во земјата, откако обезбедила хуманитарна помош за време на војната. Покрај тоа, Анкара се вклучила во реставрацијата на голем број згради што се сметаат за културно наследство од османлиско време, и ја финансирала изградбата на нови џамии. Со неоосманизмот кој настанува во 1990-тите години, Турција се обидува да го наметне своето влијание врз поранешни отомански региони во Кавказ, Блискиот Исток и на Балканот. Доктрината за неоосманизмот е претставена како алтернатива на европската интеграција на земјите од регионот.
Другите играчи кои според Калик се конкурираат за влијание на Балканскиот Полуостров, се Саудиска Арабија, Иран, Арапските Емирати, Судан, Индонезија и Малезија: „Југословенската војна им даде шанса на исламските земји да влезат поцврсто во регионот. Сега секоја од нив се обидува да го наметне „правилното“ исповедување на исламот. „