1924 година умира Мелетиј Велешки, бугарски духовник, управувал со Одринската епархија, Велешки митрополит, егзархиски заместник на Бугарската егзархија.

Мелетиј Велешки е роден со световното име Марко Димитров во 1868 година во Битола, тогаш во Османлиската империја, денес во Република Македонија. Учи во грчкото училиште во родниот град, а потоа во бугарската прогимназија. Во 1886 година заминува за Едрене, за да учи во Свештеничкото училиште. По завршувањето, станува послушник во Преображенскиот манастир, каде прифаќа монаштво под името Мелетиј и станува јероѓакон во 1888 година. Следната година заминува да учи во Киевската духовна академија, каде завршува во 1894 година. По враќањето служи како ѓакон при Бугарската егзархија во Цариград. Во 1899 станува јеромонах, а на следната година – архимандрит. Од 1899 до 1903 година е протосингел во егзархијата. Од 1903 до 1908 архимандрит Мелетиј управува со Одринската епархија.

На 9 мај 1908 година е избран и по два дена ракоположен за Велешки митрополит, истовремено станува постојан член на Светиот Синод на Егзархијата.

Во 1912 година откако за време на Балканската војна во Велес влегуваат српски единици Мелетиј е ставен во домашен притвор со постојан жандармериски надзор и забранети комуникации. Во 1913 година е протеран од Велес од српските власти и на 25 ноември 1913 година е назначен за егзархиски заменик  на егзарх Јосиф, кој се повлекува во Софија. На овој пост останува до 1 февруари 1916 година, кога е заменет од архимандритот Харитон, а на 18 декември 1917 е преназначен.

Мелетиј Велешки умира во 1924 година во Цариград по кратко боледување. Погребан е во дворот на бугарската црква „Свети Стефан“ во Цариград.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO