Потпретседателката на Република Бугариjа Илиjана Jотова во интервjу за ТАТКОВИНА зборува за резултатите од бугарското претседателство, особено во делот на темата-Западен Балкан, за резултатите и очекувањата од потпишаниот договор за добрососедство и соработка меѓу Македониjа и Бугариjа, за договорот меѓу Атина и Скопjе, како и за овогодинешното чествување на 115 години од Илинденско-Преображенското востание во Смилево.

Во продолжение може да го проследите во целост интервjуто на г-ѓа Jотова за ТАТКОВИНА

– Г-ѓо Јотова, имаме чест и задоволство да разговараме со вас веднаш по финалето на бугарското претседателство со ЕУ. Тоа беше особено клучно во еден сегмент – Западен Балкан. Како ги оценувате напорите што се направени во оваа насока и дали сметате дека постигнувањето ќе се реализира понатаму, не само во сферата на желбите?

– Софија несомнено ги зближи Брисел и Западниот Балкан. Не беше лесно. Ајде да немаме илузии – Балканот не беше во орбитата на европските политики. На почетокот на овој мандат Жан Клод-Јункер ги изненади луѓето од овие земји кога изјави дека за период од пет години, проширувањето ќе запре. Бугарија не само што ја убеди Европа дека треба да се врати на Балканот; се одобри стратегија за развој на пристапувањето кон ЕУ, изведовме сеопфатна кампања – билатерални средби, многу иницијативи, се доби и долгоочекуваниот самит на релација ЕУ-Западен Балкан.

Признавам дека очекував повеќе од овој состанок. Повеќе конкретност. Не на политичарите, но на луѓето им требаат јасни гаранции, мотивација. Нема смисла да се враќаме кон финалниот документ. Патот е важен од сега па натаму.

Досега, Бугарија е доследна во својата политика во однос на Западен Балкан. Денови по завршувањето на нашето прво претседателство, нашата земја учествуваше во т.н. „Берлински процес“. Ние, исто така, присуствувавме на претходната таква средба во Трст минатата година. Се надевам дека и понатаму Бугарија ќе ја задржи својата позиција на медијатор и најмногу активна земја меѓу ЕУ и Западниот Балкан, а не тоа да се ограничи само во рамките на претседателството.

На 17 јули (само пред 4 дена), комесарот Јоханес Хан беше во Скопје и даде официјален старт на процесот на подготовка за почеток на преговорите за членство во јуни 2019 година.

Како што знаете, на последниот Совет за време на бугарското Претседателство беа предлозите за почеток на преговорите за Македонија и Албанија следната година. И Скопје, исто така, доби шанса да влезе во НАТО по завршувањето на спорот за името со Грција. На 18 јули, ЕК потврди дека Косово ги исполнило преостанатите две барања за визна либерализација.

– Дали, според Вас, има искрени намери кај новата власт во Скопје да ја изведе земјата во различна орбита и можно ли е тоа во регион во кој се сечат повеќенасочни интереси и има долгогодишни негативни добрососедски наслаги?

Во регионот уште долго ќе стојат нерешени прашања меѓу државите. Но, мислам дека не само Скопје, туку и другите земји од Западен Балкан и Софија, секако, ја покажуваат мудроста. Градат добрососедски односи, чекор по чекор. Но, не се сомневам дека оваа политика има свои неистомисленици.

Во рамките на помалку од една година, македонската Влада успеа да финализира два исклучително важни договора со земји со кои Скопје донекаде имал, како што вие велите, „долгогодишни негативни добрососедски наслаги“. Договорот за добрососедство со Бугарија и договорот со Грција за промена на името го поставуваат почетокот на нова ера во надворешната политика на Македонија, репозиционирајќи ја не само во регионот, туку и на континентот во целина.

Исклучително важно е македонската држава да не ја губи брзината која ја доби во однос на надворешната политика, но и има и уште едно поважно нешто: обрнувајќи поглед надвор од македонската граница, во никој случај да не сврти грб на внатрешната политика.

– Ќе успеат ли Бугарија и Македонија да ја прочитаат општата историја и да тргнат напред како цивилизирани европски партнери?

Оптимист сум. И настаните во текот на минатата година го докажуваат тоа. Стереотипите и подлоста не се од корист за ниту една земја. Со нетрпение ги очекувам резултатите од работата на заедничката бугарско-македонска комисија. За мене, ова е вистинскиот пат – преку заедничко работење и поставување добар пример да се вложат напори за обединување на двата народи. За време на нашето прво претседавање со Советот на ЕУ, Бугарија се покажа како вистински сојузник на Македонија и партнер на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Можеме да направиме многу за да помогнеме.

– Кој е Вашиот став на Договорот меѓу Атина и Скопје? Може ли да се направи некаква паралела помеѓу овој Договор и минатогодишниот со Софија, иако тие се однесуваат (на прв поглед) за различни предмети?

И двата документи се доказ за тоа во која насока ќе се движи надворешната политика на Македонија, се нагласуваат приоритетите на Скопје – добрососедски односи и членство во ЕУ и НАТО. Добрососедските односи се предуслов за членство во ЕУ. Договорот за добрососедство со Бугарија и договорот со Грција финализираат спорови, кои биле со децении.
Сосема природно, договорот за промена на името е многу поконкретен и детално е опишанo се, секоја мала ситница која треба да биде извршена.

Сакам да напоменам дека неприсуствувањето на Бугарија на церемонијата на потпишување на договорот за името меѓу Република Македонија и Грција за мене не е оправдано.

– Бевте во Смилево по повод чествувањето на 115-годишнината од почетокот на Илинденско-Преображенско Востание, организирано од Бугарски културен клуб Скопје (БККС). Еден огромен историски настан кој длабоко го одбележал регионот, историјата и историското сеќавање. Зошто се одлучивте да бидете таму на тој ден?

Се поклонив пред споменикот на Даме Груев во македонското село Смилево, за да предадам почит кон паметта и подвигот на нашите славни херои, кои го дале животот во битката за слобода, правда и обединување на бугарскиот народ. Да оддадам почит кон нашето заедничко минато и историја, заветите кои треба да ги предадеме на поколенијата. Во името на нашата заедничка иднина.

Илинденското востание е вметнато во бесмртната историска хроника на Бугарија, во пантеонот на ликовите на еден народ со славно минато, творец на третата христијанска цивилизација – словенската, подготвен да се бори за својата слобода и обединување до последната капка крв.

Прослави како овие се повод да разбереме дека почитуваме луѓе, кои го дале животот за слободата и обединувањето на Татковината, а не да бидат„којзнае какви“, како што рекол Васил Левски. Често ги цитираме зборовите на нашите херои, но треба да ги разбереме и нивните пораки.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO