Премиерот на Израел Нетанјаху доаѓа во посета на Германија во политички турбулентни времиња. Експертот за Израел, Петер Линтл, покрај заедничките согледува и многу различни позициина двете земји, пишува Deutsche Welle.

ДВ: Господине Линтл, Бенјамин Нетанјаху доаѓа во посета на Германија во политички турбулентни времиња. Блискиот Исток се менува драматично, најризично за Израел засега е ширењето на влијанието на Иран. Како ќе се постави Германија по ова прашање?

Петер Линтл: Иранското присуство во Сирија за Израел претставува непосредна опасност. Тука Германија е на страна на Израел и целосно го признава правото на земјата на самоодбрана од Иран кој му се заканува на Израел од сириска страна. Германија ја нагласува и можноста за решавање на конфликтот со мирнодопски средства и се залага за деескалација.

Поинаков е ставот во однос на Атомскиот договор.

Тука навистина постојат значајни разлики. Германија смета дека Договорот беше чекор во вистински правец. Израел пак вели дека Договорот му овозможува на Иран да развие атомска бомба и тоа – благодарение на договорот – уште под чадорот на наводна легитимност.

И најновите случувања во Појасот Газа би можеле да бидат тема на разговорите во Берлин. Тамуимаше десетици загинати.

Во Германија се поставува прашањето дали навистина беше нужно да се користат снајперисти. На границата навистина не беа собрани само демонстранти, туку и лица кои сакаа да ја преминат границата. Според информации на израелската војска, благодарение на нивната интервенција, биле спречени неколку обиди за напади. Тоа однадвор сепак многу тешко може да се провери.

Во принцип најновите случувања се само продолжение на основниот проблем кој се сведува на изолираноста и тешките животни услови во Појасот Газа. Од друга страна, мора да се согледа и дека Палестинците, колку и да се очајни во моменталната состојба, имаат исто така придонес за конфликтот. Кога пуштаат змаеви исцртани со свастиката и опремени со молотови коктели во правец на Израел, не придонесуваат многу за да се создаде впечаток кај Израелците дека се работи за мировен протестен марш.

Германија и Израел се разликуваат и по прашањето за Ерусалим како главен град на Израел.

Германија одбива какво било префрлање на амбасади во Ерусалим заради фактот што Израел во 1980 година го анектираше источниот дел на Ерусалим и го прогласи за главен град. На тоа следеа две резолуции на Обединетите нации со кои државите кои во тоа време имаа амбасади во Ерусалим беа повикани да ги повлечат. На тој начин требаше да се стави до знаење дека решението за две држави од 1967 и натаму опстојува за меѓународната заедница. Така треба да се разбере и актуелната германска позиција. Секое селење на амбасадата во Ерусалим би значело имплицитно дека анексијата е призната.

Во Израел, на пример во весникот „Ерусалим Пост”, досега може да се види тезата дека Европа во нејзината, споредбено гледано, сигурна позиција, не можела да ја сфати соодветно позицијата во која се наоѓа Израел. Како Ви се чини тој аргумент?

Од една страна тоа е точно. Мислам дека на многу Европејци им паѓа тешко да се стават во позицијата на Израел. Тоа не се однесува само на непосредниот развој, како на пример ракетните напади од Газа или крвавата војна во соседна Сирија. Се работи најмногу за претставата да се наоѓаш во војна со Палестинците која трае повеќе од сто години. Покрај тоа и натаму се дискутира легитимноста на Израел. Тоа прашање и натаму се провлекува низ медиумите. Несигурноста што произлегува оттаму, во комбинација со безбедносната состојба, не може да им влезе во глава на многу Европејци. Но, аргументот од страна на многу Израелци се користи и за да ги замолчат Европејците. Тогаш се бара да се воздржат од критики, бидејќи наводно воопшто не знаеле за што зборуваат. Од европска или германска перспектива секако е нужно нештата соодветно да бидат ставени на кантар. Треба да постои и правото човек да го искаже својот став. Од друга страна треба да се обидеме и да ја разбереме израелската позиција.

Во Германија и во Европа се чини дека покрај вообичаениот десен антиземитизам, сега се појавува и исламски антисемитизам. Како на тоа гледаат во Израел?

Израелците се загрижени. Секако загрижени се поради секаква форма на антисемитизам. Дали е исламски или десен или лев, за нив не игра улога. Исламскиот антисемитизам честопати е поврзан со конфликтот на Блискиот Исток. Тој доведе до тоа перцепцијата на Израел од страна на исламски или арапски држави да биде априори негативна.

Интересен е и друг развој што може да го забележиме. Многу конзервативни влади, како на пример во Полска или Унгарија, како и администрацијата на Трамп во САД, со скепса гледаат на арапскиот свет. Владите одбивањето на мигрантите го образложуваа меѓу другото и со тоа дека мигрантите не ги делат западните вредности. Покрај тоа, се вели, тие имаат и извесна доза на антисемитизам. Две нови студии покажуваат дека децидниот произраелски курс кој некои конзервативни влади го застапуваат, истовремено покрива латентен антисемитизам кој им е иманентен, барем делумно, на многу десноориентирани влади во Источна Европа. Парадоксално е што на тој начин се меша произраелски став со антисемитски мотиви.

Бенјамин Нетанјаху е контроверзен политичар. Неговите критичари му префрлаат дека заканата однадвор премногу ја нагласува, за да се профилира на внатрешен план. Каков е Вашиот став?

Од една страна критиката има основа. Со аргументот дека на некој начин тој е персонифицирана безбедност на Израел, Нетанјаху навистина може да придобие гласачи. Тоа се виде многу јасно и во последната предизборна кампања. Кога му се закануваше пораз, тој го извади џокерот безбедност. Тоа пак имплицира дека е потребен непријател. Делумно тоа беа израелските Палестинци, делумно Иран. Нетанјаху мора да игра на таа карта. Од друга страна пак, тој е убеден во она што го застапува. Не се работи за чист цинизам. Неговата критика на Атомскиот договор со Иран произлегува од неговата длабока убеденост дека договорот е штетен за Израел, дури и ако Европејците застапуваат друго мислење. Еден мој колега Израелец, малку пренагласено, ги доловува различните проценки на опасноста по Израел од страна на Европејците и на самите Израелци: само заради тоа што си шизофреничен не значи и дека не те следат. Така погледнато, секако дека Нетанјаху со својот речник успева да добие гласови на избори. Од друга страна пак, сепак е сериозен што се однесува до безбедноста.

Политикологот Петер Линтл го води проектот „Израел во конфликтно регионално и глобално опкружување: внатрешнополитички развој, безбедносна политика и надворешни односи” на берлинската Фондација за наука и политика.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO