Ретки се луѓето кои  оставаат вечни траги во историјата на еден народ, а малку се и тие кои оставаат позитивни траги во карактерот на еден човек. Такви траги во карактерот  оставаат родителите и некои учители како и други посебни луѓе. Таквите посебни луѓе кои се истакнуваат со својот личен пример најчесто стануваат и наши идоли и херои.

Како дете често имав многу херои и идоли, но сигурно е така за секое дете. Растејќи и читајќи мојата перцепција за тоа што е херој почна да се менува. Како мал често си играв со стапови замислувајќи ги како сабји или пушки, а јас самиот себе се замислував дека сум војник. Честопати татко ми ми ги земаше стаповите и ме караше за ваквиот начин на игра објаснувајќи ми дека животот на војникот е тежок и суров и дека војната не е игра туку е страдање на тие кои учествуваат во неа. Често слушав приказни од татко ми за тоа колку војната е страшна и дека во војната нема милост туку суровост, нема добар и лош туку непријатели. Како растев овие теми се појавија и во училиштето, но моите професори често објаснуваа дека војната е целосно непотребна и дека луѓето само страдаат во неа. Според мене само пола од оваа беше точно бидејќи во некои случаи војната е единствената опција. Татко ми објаснуваше дека конфликтот треба да се избегнува, но доколку немаш опции тогаш не покажувај милост ниту пак двоумење и да бидам упорен до крајот. Професорите ми кажуваа дека ништо не се решавало со војна, но нели судбината на мојот народ била најчесто решавана токму на бојното поле? Со често зборување за војна јас се заинтересирав и почнав да читам книги и да гледам документарци за балканските војни и Првата светска војна. Конфликтите ме заинтересираа и поради судбината на моите предци кои станале бегалци во втората бслканска бојна. Јас тогаш за првпат се замислив за тоа како му е на војникот кој се бори гладен, ненаспиен, а каков е и тој човек кој ги води војниците.  Која е неговата мотивација, неговата интелигенција за да ги води луѓето низ тие тешки моменти.

Во тој период го сретнав името на потполковникот Борис Дрангов, непознато за мене и ме чудеше зошто нема ништо за него во учебниците. Затоа го прашав татко ми дали нешто знае за Дрангов и тој ми разкажа приказна во која дедото на еден  негов пријател служел заедно со Дрангов и дека овој дедо пред да умре цело време зборувал „Има Дрангов има леб, нема Дрангов нема леб“, но дури и внукот на овој соборец не знаел многу за Дрангов. После оваа приказна се чудев колку големо влијание Дрангов имал врз овој човек  кој после толку долг живот пред да умре се уште го памтел Дрангов  и тоа му бил најсилен спомен. После оваа приказна почнав да читам книги и статии за Дрангов. Читајки за него дознав за човек кој имал голема љубов кон татковината и својот народ, сватив дека многу се грижел за своите војници и  ја делел нивната судбина.

Дела, а не само само зборови, едноставни рационални мисли без непотребно поетско изразување. Тоа е Дрангов и напишаното од него. Тоа мене ми беше така блиско, јасно и допираше до мене. Тој човек, кој загинал пред еден век ми беше  близок и лесен да го сфатам. А кој е Дрангов?

Борис Дрангов е роден 1872 година во Скопје, тогаш град во Османлиската Империја  Борис уште како млад човек одлучил да стане офицер и да се бори за слобода на Македонија. После завршувањето на средното училиште тој се запишал во воената академија во Кнежевство Бугарија каде што бил питомец заедно со Георги Делчев. Дрангов своето време не го трошел залудно туку цело време читал книги и статии за воена тактика, историја и постојано размислувал. Дрангов сфатил дека за да научиш некого на нешто треба да му покажеш, а не само да раскажуваш.

Иако интелигентен и посветен Дрангов не ја завршил воената академија без проблеми. Еден настан за Дрангов кога бил питомец во воената академија ми остави посебен впечаток. Додека Дрангов лежел во своето слободно време тој не приметил дека во близина поминувал капетан така да тој не го видел и не го поздравил. Поради овој настан Дрангов добил 10 дена притвор. Следниот пат при средбата со истиот капетан тој повторно не го поздравил и на прашањето зошто не го поздравил, Дрангов одговорил „ОТИ СУМ ЧОВЕК“. После овој настан Дрангов бил исклучен од академијата. Сепак подоцна Дрангов бил вратен и на 1 јануари 1895 година Борис Дрангов го добил првиот офицерски чин и станал офицер во Кнежевство Бугарија.

Како офицер честопати тој бил во судир со корумпираност на некои постари офицери и нивните застарени сфаќања. Дрангов ја претставувал новата генерација на бугарски офицери и не се откажувал од своите принципи. Иако офицер во армијата на Бугарија  сопруг и татко, тој во 1903 одлучил времено да ја напушти армијата за да оди и да се бори во Илинденско-Преображенското востание и да се бори за слобода на Македонија. Востанието било неуспешно и имало трагичен крај, а Скопје и Македонија останале поробени. Дрангов се вратил во армијата и продолжил да го чека моментот кога повторно ќе може да се бори за ослободување на Македонија. Шансата за ослободување се појавува во 1912 година кога Османлиската Империја после поразот од Италија, е нападната од Бугарија, Србија, Грција и Црна Гора. Дрангов во војната ги доживува славните моменти на ослободувањето на Одрин и Лозенград, но и трагедијата на поразот кај битката кај Чаталджа, а подоцна и поразот во Втората балканска војна.

После толку многу борба и жртви Македонија останала окупирана, но сега под српска и грчка окупација која била многу пострашна и од турската. За време на окупацијата интелигенцијата биле прогонета, жени биле силувани, поповите и учителите  биле убивани, а членовите на ВМРО биле апсени и убивани.

И кариерата на Дрангов продолжила со проблеми. Кариерата на Дрангов била со чести судири со неговите надредени, а кулминацијата била достигната кога тој дал критики на тогашниот министер за војна Иван Фичев, поради што бил испратен пред воен суд. Дрангов бил во право и судот пресудил во негова полза. Иако со проблеми со неговите надредени кариерата на Дрангов продолжила со ист ентузијазам и упорност. Желбата за слобода за Македонија не исчезнала. Впрочем и неговата слобода во критикување на функционери покажува дека за Дрангов слободата е слобода на мислата и говорот, а не само слобода од туѓо ропство. И после првата национална катастрофа Дрангов не се откажувал од своите цели и принципи. Македонија била поробена и после Тиквешкото и Охридско дебарското востание и после балканските војни.

Во 1915 година кога Бугарија влегла во Првата Светска Војна, Дрангов бил назначен да го води 5-тиот македонски полк во 11-та македонска пешадиска дивизија. Тој за неколку месеци успеал да го спреми полкот за борба. Неговиот полк успешно ги разбил српските и француските сили кај Кочани, Штип и Калиманци, а се борел и кај Градско каде загинале 250 бугарски војници и офицери. Во 11 та македонска пешадиска дивизија биле и Тодор Александров, Христо Чернопеев, Панко Брашнаров, Александар Протогеров и многу други. Таа дивизија била полна со великани од Македонија. Сепак Дрангов за времето поминато во таа единица оставил најсилен впечаток кај војниците. Не е случајно што тој бил и опеан во неофицијалната химна на дивизијата.

Во 1915 година Дрангов конечно и за прв пат во неговиот живот го видел и неговото родно Скопје ослободено. Познат по својот однос со војниците на Дрангов му било доделено работно место во воената академија во Скопје каде спремал нови  офицери. Таму Дрангов оставил белег на идните офицери, а не случајно таа академија во Скопје била наречена дрангова школа.

 Дрангов повторно бил повикан на служба во операциите во Јужна Добруджа кај што биле разбиени руските и романските сили. Операциите завршиле со голем успех, а Дрангов потоа бил преместен да командува со единица кај завојот на реката Црна. Тој добил команда врз 9-ти пешадиски полк. Оваа била последната битка кај што учествувал. За време на битката кај завојот на реката Црна Дрангов бил погоден со шрапнел и умрел на 26-ти мај 1917 година. Последните зборови му биле „Ах Бугарија, уште колку сакав да ти служам“. Дрангов бил погребан во Скопје во црквата Св.Димитрија како херој. Но делото на Дрангов и неговата приказна  не завршуваат со неговата животна приказна. Умрел Дрангов но  имал достојна смрт, оти тој рекол дека нема подостојна смрт од таа на бојното поле. Дрангов исполнил и уште една своја мисла, а тоа е дека вредноста на животот се мери не по должина туку по содржина.

Што ни оставил Дрангов? Дрангов зад себе има оставено дела и поколение. Тој има напишано книги како „Помни војната“ и „Јунаци исполнете ја клетвата“. Неговото поколение и неговите мисли ќе останат засекогаш дел од нашиот народ. Неговите мисли во Помни војната ќе мотивираат многу идни генерации да се борат за родината и својот народ, да бидат чесни, издржливи, скромни, храбри, упорни…

Помни војната е дело во кое покрај воена тактика тој пишува за моралот и за тешкотиите на војната. Читајќи ја книгата видов какви сличности имаше во тоа што тој го пишуваше и тоа што ми го кажуваше татко ми. Баба ми ми кажуваше поговорка „Наведната глава сабја не сече“. Но каква е таа поговорка? Тоа е поговорка на потчинетите луѓе, а Дрангов не бил таков човек туку тој живеел за слобода. Дрангов бил храбар  и истото го барал и од луѓето кои служеле под него. Тој кажал наведни ми глава и ќе те истребам до нога. И татко ми како Дрангов ми кажуваше дека ако си потчинет како ќе го видиш Сонцето и како ќе бидеш ти слободен човек? Дрангов кажувал дека непријателот не се победува со оружје туку со срцето што чука во градите. Според него херој не е оној кој од ништо не му е страв туку онај кој го надминува стравот. Дрангов сметал дека чесна смрт е подобра од нечесен живот. Тој сметал дека спрема војниците треба да се биде внимателен, често да зборува со нив и со нив да го дели и доброто и лошото. Според него војната била област каде има телесно страдање и напори, област каде нема ниту да се најадеш ниту да се наспиеш. Победува оној кој е похрабар и посилен. За дисциплината на војниците верувал дека доаѓа од меѓусебна доверба и дека лидерот треба да биде смирен и сталожен во секоја ситуација. Дрангов сметал дека тој треба да ги води војниците во борба, а не само да ги испраќа.

Како читав сваќав колку би била богата Македонија да има такви лидери. Помни војната и Јунаци исполнете ја клетвата учат на морал, на лидерство,  на саможртва, на љубов кон земјата и искрена љубов кон својот народ. Според тие принципи всушност и живеал Дрангов. Тој пишувал онака како што и живеел. Не бил од оние што едно кажуваат, а друго прават. Книги, зборови и дела, но и крв и месо останало од Дрангов. Тој оставил семејство исполнето со љубов кон родината. И неговиот син се борел и го дал животот за слободата на Македонија.

Така читајќи и мислејќи за животот на Дрангов, за неговите мисли, за неговото семејство сфатив дека моите тешкотии се мали во однос на неговите. Ако не се отакажал тој, нема никогаш да се откажам и јас. Слободата е она што најмногу го сакам и јас. Татко ми и мајка ми секогаш ми кажуваат дека најважно е секогаш да сум слободен пред се во мојата глава и мисли. Секогаш ќе се борам за таа слобода. Мојот народ, со сите мани за кои зборувал и Дрангов е мој народ. Тој е наивен, знае да биде измамен, но знае да биде чесен, работлив, да биде упорен. На мојот народ само му требаат вистински лидери кои ќе го ослободат во нивните мисли, лидери кои ќе го ослободат да го кажат она што го мислат, лидери кои ќе го прават она што го кажуваат, лидери кои ја сакаат Македонија.

Дух вели ќе огрее во нашето ново поколение и тука сонце ќе огрее на родното обединение. Тој сон на Дрангов е и мој, сега може нема потреба од јуриш и бој со викот ура, но сепак треба упорност, храброст, решителност, личен пример и борба за другарот до тебе и жртва за родината. И сега такви се потребни како него, некој на кого целта, родината и оној до него му се поважни од неговата лична жртва. И сега е потребен некој за којшто може да се каже како и за Дрангов „тој е човек“. Тоа го  сакам и јас. Моја желба е да бидам едноставен, слободен човек и еден ден да заслужам и за мене да кажат другите  „тој беше  човек“.  И јас сакам да имам живот полн со смисла.

––––––––––––––––––––

Награден есеј на ученик од Струмица на конкурсот на фондацијата ʺБугарска паметʺ на тема ʺ11-та Македонска дивизијаʺ . Наградата беше доделена на 6-ти мај, 2017 година на заедничкото чествување на бугарскиот воен меморијал во Ново Село, Струмичко.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO