Ерменскиот премиер Серж Саркисјан поднесе оставка по скоро еднонеделни протести во земјата, објави француската агенција Франс прес.

Тој беше избран за премиер минатата недела, во рамките на новиот парламентарен систем на управување кој ја пренесува власта од претседателот на премиерот.

„Направив грешка … Јас ја напуштам функцијата лидер на земјата“, се вели во изјавата на Саркисјан.

Од почетокот на протестите на 17 април, стотици лица се притворени, а истражниот комитет соопшти дека 26 лица се уапсени за „хулиганство“ и употреба на насилство врз полицијата.

Вчера вечер, лидерот на протестите против Саркисјан, Никол Пашинјан, беше уапсен откако се обиде да разговара со поранешниот претседател во телевизиско студио. Пред камерите, ги разменија следниве реплики:

„Дојдов тука за да разговарам за вашата оставка“, изјави пред камерите Пашинјан, лидерот на опозициската партија ʺГраѓански договорʺ.

„Ова не е дијалог, тоа е уцена, можам само да ве советувам да се вратите кон правна рамка … инаку ќе ја преземете одговорноста“, одговори Саркисјан.

„Вие не ја разбирате ситуацијата во Ерменија. Силата сега е во рацете на народот“, рече Пашинјан.

„Партија што освои осум отсто на (парламентарните) избори не може да зборува во име на народот“, рече Саркисјан пред да замине од конференциската сала во хотелот „Мариот“ во Ереван.

Претходно денес беше ослободен Никол Пашинјан.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO