При идеално сценарио спорот за името може да се реши во следните два-три месеци, а потребата од брзината на одлучувањето се диктира од европскиот воз, рече шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за францускиот весник. „Ла Кроа“.

Во овој контекст Димитров ја спомена средбата за Балканот, која ќе се одржи во мај во Софија, петнаесет години по самитот во Солун, но и датумите за избори – во 2019 година ќе се одржат претседателски избори во Македонија и парламентарни избори во Грција.

„Се обидуваме да излеземе од ровот во кој сме погребале повеќе од дваесет години. Две европски земји кои делат еден географски регион, треба да можат да најдат достоен начин кој ќе овозможи да се прави разлика помеѓу нашата земја и регионот Македонија, кој се наоѓа во Грција, без да е во спротивност со идентитетот и достоинството на македонскиот народ „, рече Димитров во интервјуто, кое носи наслов „Македонија излегува од сенката“.

Тој посочи дека треба да бидеме многу внимателни за јавното мислење во Македонија и во Грција.

„И покрај тоа што нашите две држави имаат различни позиции, понекогаш се случува да сме на иста страна со политичките сили кои сакаат компромис, а тоа се силите кои гледаат кон иднината, кои се противат на силите на минатото и на национализмот“, додаде тој.

На прашањето што ќе направи македонската страна со многубројните националистички споменици во Скопје, Димитров истакна дека пристрастното свртување кон античноста не е здраво.

„Кога прибегнуваме кон митови ја губиме помладата генерација. Министерството за култура треба да одлучи што да прави со „Скопје 2014“ – голем архитектонски проект за антиквизација, реализиран од претходното националистичко мнозинство. Лично би предложил организирање на големо светско уметничко натпреварување, кое би имало смисла во целиот овој хаос во градот. По јавна дебата аеродромот во Скопје, наречен „Александар Велики“, по сериозни протести од Грција неодамна беше преименувано „, рече шефот на македонската дипломатија.

Што се однесува до изгледите за интеграција на Македонија во ЕУ, бугарското претседателство е одлична можност Унијата да се сврти кон Балканот.

„Патот до целосна интеграција ќе биде долг. Ако не успееме да ја донесеме Европа во Македонија, да воспоставиме правила, правда, ред, тогаш помладите генерации ќе продолжат да ја напуштаат земјата, како и балканскиот регион поради недостаток на надеж. За среќа, некои се враќаат „, додаде тој.

Што се однесува до солидарноста на земјите кои беа дел од поранешна Југославија, Димитров истакна дека сега е моментот да се надминат кавгите.

„Дојде време да ги оставиме кавгите на Балканот – кој е најдревниот народ, кој дал најмногу жртви и да ги засукаме ракавите за да инвестираме во економијата, образованието и здравството“, рече Димитров.

Тој потсети дека Македонија веќе има потпишано Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и во декември минатата година одржа заедничка седница со Владата на соседна Албанија – првата од 1991 година наваму.

„Не сакам да звучи надмено, но во регионот има нова енергија и оваа нова динамика е делумно поттикната од Македонија“, истакна Димитров.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO