Вечерва во Скопје се одржа неформална вечера со премиерите на земјите од Западен Балкан. Домаќини се премиерот Зоран Заев и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на Европската Комисија, Федерика Могерини. На вечерата присутни се премиерите на Албанија Еди Рама, на Србија Ана Брнабиќ, на Косово Рамуш Харадинај, на Црна Гора Душко Марковиќ и на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ.

Учесниците, како што се наведува во владиното соопштение, на вечерата разговарале за состојбата во регионот, како и за процесите на интеграција на Западен Балкан во Европската Унија. “Премиерите уште еднаш ја потврдија својата искрена заложба за целосна имплементација на реформите во нивните земји, со цел да го забрзаат процесот на зачленување во Европското семејство”, соопштија од Владата.

Могерини, пак, пишува во соопштението, ја истакнала потребата сите земји од регионот на Западен Балкан да ги забрзаат суштествените реформи со што ќе ги исполнат очекувањата на своите граѓани, а со тоа промените ќе станат видливи и за Европската Унија. Сите присутни на вечерата, соопштија од Владата, се согласиле дека 2018 година е историска за регионот и дека на земјите од Западен Балкан им се отвора голема можност да направат крупни чекори кон ЕУ интеграцијата, особено ако им се даде најголем приоритет на суштинските, неопходни реформи, односно владеењето на правото, правдата и почитување на основните човекови права.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO