Министерството за надворешни работи на Република Бугарија го поздрави навремено објавување на пакетот „Проширување“ на Европската комисија и на извештаите за напредокот на одделните земји. Овие документи се исклучително важни за успешното реализирање на целите на Бугарското претседателство на Советот на ЕУ во однос на Западен Балкан, имено постигнување на конкретни чекори напред во нивната европска интеграција.

Особено сме задоволни од препораките на ЕК да започнат преговори за пристапување со Република Македонија и Албанија. Премиерот Бојко Борисов, владата и дипломатската служба на Република Бугарија работеа за тоа во последните месеци, соопштија од МНР.

Ние силно ги поддржуваме заклучоците и препораките на ЕК. Потврдени се водечките принципи на политиката на проширување – принцип на сопствените заслуги и фокусот врз владеењето на правото и доброто економско управување.

Задоволни сме од значењето кое се придава на добрососедските односи и од високата оценка за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Бугарија и Република Македонија.

Врз основа на овие извештаи, Бугарија ќе поднесе проек на Заклучоци на Советот, кој го потврдува значењето на политиката на проширување на ЕУ како клучен инструмент за мир, стабилност, безбедност, просперитет и длабочинска трансформација на општествата во земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство. Заклучоците треба да бидат усвоени во јуни од страна на Советот ʺОпшти прашањаʺ.

Пред тоа лидерите на ЕУ ќе разговараат за тоа како да им помогнат на земјите од Западен Балкан да ги забрзаат реформите и да ја зајакнат врската со Унијата со конкретни дополнителни иницијативи – за зајакнување на владеењето на правото, безбедноста и миграцијата, социо-економскиот развој, транспортната и енергетската поврзаност , дигиталната агенда и елиминацијата на роамингот, како и добрососедските односи.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO