Западен Балкан е стратешки регион за Европа. Овој регион е дел од Европа, независно од фактот што сé уште не е дел од Европската унија / ЕУ /. Ова го изјави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини.

Таа истакна дека за време на средбата на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Луксембург ќе се зборува главно за Западен Балкан и, пред сè, како може да се им помогне на овие земји во областа на безбедноста и нивниот просперитет.

Могорини потсети дека утре ќе биде познат извештајот за напредокот на овие земји во процесот на европска интеграција. Самата Федерика Могерини ќе ги посети земјите од Западен Балкан во наредните денови – Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија.

Средбата во Луксембург на министрите за надворешни работи, исто така, има за цел да ја подготви средбата на врвот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во Софија на 17-ти мај. За време на овој форум нема да се зборува за дијалогот меѓу Белград и Приштина, но ќе се укаже на добрососедските односи и регионалната соработка и ќе биде дадена директна поддршка за дијалогот.

„Многу е важно на средбата во Софија да учествуваат сите 28 држави, како и сите 6 земји од Западен Балкан. Најважно е да има целосна согласност“, соопштуваат од ЕУ

Од Брисел нагласуваат дека средбата во Софија е од клучно значење не само за процесот на проширување, но и за политичката и регионална соработка, како и за соработката на ЕУ и регионот во областа на безбедноста, а тоа значи и во борбата против тероризмот, радикализмот, хибридните закани, како и усогласување на европската надворешна и безбедносна политика со земјите од регионот.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO