Наставникот на Ајнтрахт Франкфурт Нико Ковач ќе стане тренер на Баерн Минхен по крајот на оваа сезона, објавија од баварскиот клуб. Ковач ќе го замени ветеранот Јуп Хајнкес кој застана на чело на тимот привремено по отпуштањето на Карло Анчелоти.

„Убедени сме дека ова е вистинскиот избор за иднината на Баерн. Нико играл за клубот, ги познава луѓето од раководството и ДНК-то на тимот“, објави спортскиот директор на шампионот на Германија Хасан Салихамиджиќ. 46-годишниот Ковач ќе потпише договор за три години со баварскиот гигант. Поранешниот хрватски репрезентативец ги импресионира сите со настапот на чело на Ајнтрахт, откако минатата сезона го спаси тимот од испаѓање од Бундеслигата, а во оваа кампања тимот се претставува многу силно и во моментов ја зазема петтата позиција на табелата со актив од 46 поени.

Ковач ќе го преземе Баерн официјално од 1 јули, а според медиумите во Германија баварците ќе му платат 2,2 милиони евра на Ајнтрахт за предвременото прекинување на договорот на Хрватот.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO