Не коментираме ничии изјави, а по Божик и Богојавление, ќе ги продолжиме разговорите со Бугарската православна црква. Вака извори од Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) се воздржаа од коментар на изјавите на епископот бачки Иринеј од Српската православна црква (СПЦ), кој во интервјуа за српски медиуми обвини дека зад односите меѓу БПЦ и МПЦ има политичка позадина, пишува Deutsche Welle.
„Актерите и не кријат многу, дека нивните акции се политички координирани. Се разбира, нив совршено не ги интересира Црквата со своите канони, устројство и поредок. Нивната намера е чисто црковниот проблем да го решат со политичко насилство и со политичка цел. Проблемите нема да се решат со политичките договори на двоецот Борисов – Заев, и со неуката акробатика на поедини архиереи, кои инаку искрено и длабоко ги жалам“, изјави Иринеј.
Според него, епископите на Бугарија сега се наоѓаат помеѓу Сцили и Харибди.
„Сцила е притисокот на политичките власти и јавното мнение, на кои, и тоа како им одговара ирационалната иницијатива од Скопје, а Харибда е ризикот од какво било ‘флертување’ со каква било расколничка организација, а БПЦ до неодамна имаше таква и ‘во сопствениот двор’ (…) Понудената ‘трампа’ – вие нам автокефалија без обѕир на другите православни цркви, а ние вам титула на наша црква мајка, би била крајно необична, да не е просто неверојатна“, вели српскиот епископ.
Тој потенцира и дека БПЦ сепак е свесна дека не смее во служба на еден раскол, себе си повторно да се доведе во раскол, во каков што била 70 години поради етнофилетизам. Притоа тврди и дека ,„спорната одлука на БПЦ сѐ уште не е официјално доставена ни до Вселенската патријаршија, ни до СПЦ, ни до останатите сестрински православни цркви.