Поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ кој најави оставка речиси секој ден е на суд, а навечер на протести. Аналитичарите велат дека неговата мобилизаторска моќ е опадната, пишува Фросина Димеска на саjтот на Радио Слободна Европа.

Тоа што се случува во моментов во државава изгледа како стегање на обрачот околу поранешниот премиер Никола Груевски, коментираат упатените, набројувајќи ги приведувањата на неговите соработници за настаните од 27 април во Собранието, судските случаи за предметите на СЈО, најавената оставка од лидерската позиција.

„Машинеријата и начинот на практикување на власта на Никола Груевски го доведе до ситуацијата во која сега се наоѓа. Тој 11 години не вложуваше во развој на општеството и институции што ќе имаат интегритет, туку ги урна до таа мера што и секое најмало закрепнување на институциите за нас значи дека се случува којзнае што“, вели професор Никола Дујовски.

До пред скоро време моќниот политичар на чиј повик излегуваа илјадници луѓе на улица, партиски претседател кој ја направи партијата монолитна во ставовите и од која барем во јавноста не допираа никакви разногласија, сега се соочува со поинакви ситуации. Нивната најава останува дека ВМРО-ДПМНЕ е на улиците се додека „хунтата ги гази законите и се изживува со граѓаните“.

„Ова го немало ни во 1949 година. Вакво незаконско постапување кон пратениците, нивно држење со лисици и по 16 часа и одредување притвор за ништо затоа што биле на работното место, затоа што некоја пратеничка се гушнала со сопругот кога влегол во Собранието, кога чул што се случува таму е ништо повеќе туку задушување на опозицијата и демократијата“, рече Никола Груевски по одложувањето на судењето за случајот Траекторија.

Сепак, наместо илјадници како до пред половина година, на ваквите повици од ВМРО-ДПМНЕ сега има стотини поддржувачи. Малкутемина што излегуваат пред Министерството за правда, извикуваат „нема оставка“, но нема силно противење на таквата негова најава од блиските соработници и поддржувачи.

Професорот од правниот факултет Ненад Марковиќ тврди дека и мобилизаторската моќ на Грувески е доста падната.

„Вие имавте многу голема, многу масовна политичка мобилизација, што оди во насока на тој модел на клиентелистичко општество во кое живееме дека кога ја губите власта, вие губите се, вие не можете да ја одржувате таа клиентелистичка мрежа ниту преку поволности, ниту преку уцени, ниту преку медиумско влијание, ниту на кој било начин и ја губите поддршката во оној момент кога ќе ја изгубите власта“, вели Марковиќ.

Груевски е на чело на партијата од 2003 година. Од 2006 година до јуни годинава ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, а до почетокот на минатата година Груевски беше и премиер. На последниот конгрес во 2015 година тој беше избран со 528 гласа за од 560 делегати. На најавениот конгрес кој, ако Централниот комитет го прифати предлогот на извршниот, ќе се одржи на 23 месецов, ќе гласаат истите делегати како на минатиот.

Во јавноста засега се спомнуваат имињата на поранешните министри Никола Попоски и Антонијо Милошоски, пратениците Илија Димоски и Владимир Ѓорчев, генералниот секретар на партијата Христијан Мицковски. Само тој досега изрази јавно амбиција, рече дека постои опција да се кандидира за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO