
Со српската окупација на вардарскиот дел од Македонија по Втората балканска војна во 1913 година, и конечно, по завршувањето на Првата светска војна во 1918, Српската црква, во содејство со кралската војска и жандармерија, насилно ја спровела својата јуриздикција во новоосвоените територии, разнебитувајќи ја притоа домородната егзархиска црковна јерархија. Во тоа време егзархиските владици и голем дел од останатиот клир биле протерани, друг дел пострадале маченички, а останатиот бил присилен да ја прифати новата црковна власт, колку за да може да преживее. Егзархиските училишта биле затворени или пренаменети во српски; биле донесени српски клирици и учители, чијашто цел била, првенствено, србизирање на македонското население. За таа цел, македонските монаси биле изгонувани, и, на нивно место, нашите манастири биле пополнувани со српски монаси, кои биле особено активни во асимилацијата на верниците од Македонија. Споменот за Охридската Архиепископија и за некогашната црковна независност бил уништуван, а националистичката пропаганда одела дотаму што српските црковни власти со посебни укази го забранувале торжественото славење на празникот на Светите Рамноапостоли Кирил и Методиј и особено на Св. Климент Охридски, само за да се прекине секаква врска со охридската црковна и културна традиција!
Во контекст на горниов параграф, мошне интересни се спомените и на Илија Станоев (роден 1892 година) од село Двориште, Беровско, објавени неодамна од Михаил Белдедовски. Сеќавајќи се на српската окупација на Македонија по Првата светска војна, дедо Илија пишува:
„Новите окупатори уште од првите денови почнаа да уништуваат сè што е бугарско, како што велеа, зашто за македонско не сакаа ни да слушнат. ’Македонско не постои!‘, ни велеа. Такво нешто не признаваа. Уништуваа книги, ракописи, весници, фотографии… Воведоа српски јазик во училиштата и црквите, доведоа српски учители и попови. Бугарските попови ги прогонуваа и затвораа. Некои од нив беа и убиени. Почнаа да им ставаат српски имиња на бебињата во црквите. Ги прекрстуваа и возрасните, додавајќи им ’иќ‘ на презимињата. Правеа и други однародувачки работи. Им пречеа дури и капите на луѓето, каскетите. Ги тераа да ги фрлаат и да ги заменуваат со шајкачи… Луѓето од страв да не бидат затворени, почнаа да бегаат во Бугарија“ (Михаил Белдедовски, Малешевски малеења. Предавства и убиства, Скопје 2016, 32).
На 5 ноември (ст. сл.) 1918 година српскиот околиски началник, капетан Душан, со посредство на србоманите Тома Лоноски и Тодор Мангароски – Павловиќ го повикал о. Овентиј, егзархиски архиерејски намесник од Галичник, во началството и го задржал до вечерта, кога биле доведени уште другите тројца граѓани од Галичник: Русе Михајловски, Јанко Колоски и Евгениј Ванковски. Следната вечер четворицата биле изведени надвор од градот кон една висока и стрмна карпа наречена „Големи рид“ од којашто биле измачувани и тепани надолу по шума, а најпосле и стрелани. Со таков маченички крај го завршија својот живот овие четворица чесни и угледни граѓани на Галичник.
За жал, истата судбина ги снашла не само овие четворица, туку и многу други членови на Егзархијата од славната Мијачија. Во времето после Втората балканска и Првата светска војна, населението во Река бил подложено на тешки репресии од страна на тогашната големосрпска хегемонистичка власт, за што сведочат многубројни документи и историски извори. Така, во еден допис од 1 март 1913 г. на тогашниот домороден Дебарски Митрополит Козма, кој бил родум од Орланци, Кичевско, и бил многу возљубен меѓу македонскиот народ, се вели: „На 30.ΧΙ.1912 српски офицери заедно со еден полициски службеник го изгонија игуменот од манастирот „Св. Јован Бигорски“, Н. В. Преподобие јеромонах Партениј, бидејќи не дозволувал во манастирската црква да се спомнува името на епископот Варнава (подоцна српски Патријарх – б.н.). Селските кметови насекаде биле заменувани со српски повереници, а селските свештеници биле спречувани со закана дека ќе бидат стрелани ако не го споменуваат името на епископот Варнава во црквата“. Подоцна, во 1918 г. игуменот Партениј бил навистина на ѕверски начин убиен, така што по нарачка на српските власти една разбојничка група го пресретнала на некој мост на р. Радика, го исекла на прачиња и го фрлила во реката. Слична маченичка смрт го снашла и велешкиот свештеник Иван поп Аврамов, кој на 17 јуни 1913 година бил исечен на парчиња и фрлен во Вардар.
Синот, пак, на нашиот познат преродбеник и учител од Охрид Глигор Прличев, Кирил Прличев, со своето дело „Српскиот режим и револуционерната борба во Македонија (1912-1915)“, сведочи: „Во Галичник со торби песок го биеја архиерејскиот намесник Павел Теодосиев, после го интернираа во Скопје, го мачеа во затворот и најпосле умре од маките (1917 г.), затоа што беше откажал да го споменува во црквата името на србската државна глава и на српскиот киријарх. Истиот, дури и погрозен удел го стаса и свештеникот Апостол Миронов од с. Тресонче: него, пак, го извлекле ноќно време од неговиот дом, го одвлекле во блиската гора, му го искршиле черепот, го обезличиле и во тие адски маки Божјиот и народен човек издивнал. Не беше поштедена тука ни старата револуционерка, курирката Андреевица, којашто ја убиваат поради стравот на Србите да не почне таа повторно, како во турско време, да спроведува туѓи чети“.
Великоспрскиот терор бил особено насочен против домородното македонско духовенство кое останувало до крај верно на својата црковна јерархија, Бугарската Егзархија, за чиешто формирање зело активно учество.
***
Во пределите на планината Готен, во реонот на село Смиљанци, на 13.08.1947 г., после долговремени свирепи измачувања, рано наутро околу шест часот, ѕверски бил убиен и маченички пострадал свештеникот Ефтимиј, меѓу народот попознат под името Драги Спасов, роден на 10.06.1920 г. во Радовиш. Отец Драги бил ракоположен за егзархиски свештеник 1942 год. во Рилскиот манастир и на ракополагањето Владиката му ставил име Ефтимиј. Тој постанал жртва на современата комунистичка потчовечност и крвожедност, којашто сакала да ги уништи најдобрите синови на вековно православната Македонија, но и сѐ што можело да се поврзе со бугарското самосознание во Македонија. Стоејќи цврсто на браникот на својата прадедовска христијанска вера и национално самосознание, тој се спротивставил на новата безбожничка власт, и со тоа свесно се осудил на страшни маки и прерана смрт. Имено, комунистите многу пати строго му се заканувале да ја соблече мантијата, бидејќи во спротивно лошо ќе го снајде. Неговата мајка плашејќи се навистина да не му направат нешто лошо – да не го убијат, го советувала да ги послуша и да ја соблече мантијата. Но, на нејзините молби отец Драги ѝ одговорил: „Подобро чесна смрт, мајко, отколку нечесен живот“, поради што и постанал трн во око на непријателите Христови. Следејќи го будно и постојано, комунистите сакале да го фатат отецот настрана од градот, за што поткупиле една жена од село ,,Ново Село,, (Радовишко) давајќи 3000 динари за лажно да го повика о. Драги, божем да оди да изврши водосвет во село Смиљанци. Тогаш о. Димитар Чаракчиев (кој му бил дедо од жена на о. Драги) го советувал да не оди зашто е сигурен дека повикот е лага. Тој го послушал и не отишол. Но по некое време комунистите повторно ја натерале жената – издајник, по втор пат да го повика свештеникот, давајќи и сега поголема сума, околу 3600 динари. Таа пратила абер до о. Драги да дојде во с. Смиљанци да изврши крштевање на новородено дете. И на овој повик о. Димитар повторно го советувал да не оди, на што свештеномаченикот одговорил: „штом се работи за крштевање на дете јас морам да одам“, и веднаш заминал, но повеќе никогаш жив не се вратил“ . Штом паднал во рацете на богоборците, православниот ереј Ефтимиј Спасов веднаш бил подложен на долготрајни безмилосни измачувања во период од неколку седмици, сѐ до 13 август, кога конечно било извршено ѕверското убиство на овој велик подвижник на Христовата вера. Во еден Нов Завет кој тој го поседувал (Новиот Завет бил на бугарски јазик), како лична своина, имал подцртано само една поука кажана од Нашиот Спасител Господ Исус Христос: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот“ (Мт. 10, 28). Така, во својата 27 годишна возраст, богољубивиот и родољубив свештеник Ефтимиј примил повторно крштение, но сега во својата сопствена крв. Неговата душа одлетала од убиеното тело, а тоа останало во рацете на комунистичките изроди, кои крвнички продолжиле да се изживуваат и над бездушното тело. Најпрвин го беселе, а потоа го влечеле низ малешевските села и Радовиш, за да го изложат на потсмев Христовиот свештеник и да го заплашат народот. Имено, наредниот ден по убиството, во понеделникот, сештеничкото тело било натоварено на муле, такашто од едната страна висело мртвото тело, а од другата страна дрвен труп, и така носено низ малешевските села било донесено во центарот на Владимирово. Потоа, повторно било натоварено на коњ во вреќа од која му се гледале нозете, со главата пресечена во торба, а на другата страна за рамнотежа приврзан голем ќутук (дрвен труп), и било истоварено во дворот на црковниот храм „Св. Пророк Илија“ во Радовиш. На погребот имало многу малку луѓе – само неколку најхрабри негови блиски, бидејќи било тегобно време – со застрашувања и пресија врз населението, за да не присуствува никој. Дури 3 или 4, најмногу 5 месеци по убиството, свештеникот Ефтимиј Спасов бил суден посмртно од тогашната власт и осуден на смрт. Отец Ефтимиј бил уапсен во јули, а на втори август, речиси целото негово семејство: татко, мајка, брат и снаа со три деца и другиот неженет брат Димитар, биле интернирани во Кичево, каде што морале да се пријавуваат во полиција секое утро и приквечер, за да се потпишат и така да го потврдат своето присуство во градот. Неговото семејство било одбележано како „црна овца“ во народот, имотот му бил одземен, а граѓанските права ограничени.
–––––––––––
Георги Пашкулев, заменик главен уредник на БГНЕС. Тој е потомок на Стојан Чал’ков, учител и лекар на Воден во Егејска Македонија, кој во 30-тите години век од 19 век го превел Пасхалното евангелие со кирилско и грчко писмо “на простаго виговор болгарского за тии болгари, кои не знаят читати книга писания болгарская, седящий по вся земля Македонская – солунска, вардарска, воденска, пазарска и сярска“.
