Груевски ги штити интересите на десетина луѓе. На Македонија не му е потребен псевдопатриотизам. Неговите најнови акции потсетуваат на времето на Слободан Милошевиќ. Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија отвора огромни перспективи.

Ова го изјави во ексклузивното интервју за бугарската агенција БГНЕС еден од лидерите на Иницијативата за реформи и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ Петар Богојески кој повикува и за промена во статусот на партијата, за да може членството да има клучна улога при избор на партиските органи и донесување на решенија. Петар Богојески е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1995 година.

ТАТКОВИНА во целост ви го претставува интервјуто на Петар Богојески за БГНЕС.

БГНЕС:        Богојески,  дали сте член на ВМРО ДПМНЕ и дали дејствувате во рамки на партијата?

Богојески: Да, јас сум член на ВМРО ДПМНЕ од 1995 година до денес, континуирано без прекини и без промена на дресот. Останувам на таа линија, секогаш во и за ВМРО ДПМНЕ.

БГНЕС:        ВМРО ДПМНЕ целосно ги промени политиките кои се однесуваат на европската иднина на Македонија и промовира нова ера, која наликува на онаа на Милошевиќ? Дали тоа не Ве натера да ја напуштите партијата?

Богојески: Напротив, истото дополнително ме мотивираше да се активирам и да направам се што е во моја моќ, да и помогнам на мојата ВМРО ДПМНЕ. Точно е тоа дека „ерата“ на Груевски во Македонија се споредува со онаа на Милошевиќ, но никако не може да зборуваме за било каква можност за промовирање на некоја „нова ера“ пак на Груевски. Што значи тоа, дека сега ќе имаме „нов Груевски“? Тоа е тотално неразбирливо, не само за нашите гласачи, туку и не е забележано во политичката литература, еден политичар кој ја завршува својата кариера да го направи тоа преку промоција на негова „нова ера“. Но, да го оставиме Груевски сам да се справи со неговите погрешни одлуки и политики. Јас сакам повеќе да зборуваме за идните политики на ВМРО ДПМНЕ, за европската иднина на Македонија и за „новата ера“ на ВМРО во Македонија, но без теретот од минатото, токму оној кој со себе го носи Груевски. Иднината на ВМРО ДПМНЕ е полноправно членство во ЕНП, а иднината на Република Македонија е полноправно членство во ЕУ. Колку тоа и да боли, колку и да е тешко, колку и да бара жртви од нас, колку и да бара работа и време, ние друга алтернатива немаме, освен полноправно членство во ЕУ и НАТО.

БГНЕС:        Како гледате на договорот помеѓу Република Бугарија и Република Македонија? Во оваа кампања, Груевски го користи како аргумент за неговиот партиотизам и причина граѓаните масовно да се изјаснат против истиот.

Богојески: Патриотизмот на Груевски е само манипулација за покривање на сопствената немоќ. Тоа се негови и само негови лични ставови, само негов личен поглед на патриотизмот. Мнозинството членови на ВМРО ДПМНЕ и добар дел од раководството на партијата, не се согласуваат со тоа. Злоупотребата на такво прашање за локални избори, зборува само за нивото на политичка култура во изборна кампања. Наместо да зборуваме дали на Скопје му е потребен еколошки градски превоз или на Штип подобар водовод или поголем парк на Битола, ние за избор на градоначалници и советници користиме аргументи како прашање со името на Република Македонија, договор со Бугарија, ЕУ интеграција и сл. На нас не ни е потребен квазипатриотизам за лични интереси на група од 10 луѓе. На нас ни треба вистински македонски патриотизам, базиран на европските вредности, а тоа е наша целосна евро – атлантска интеграција. Во таа насока го гледам и договорот помеѓу нашите две земји, како договор кој ги штити македонските национални интереси.

БГНЕС:        САС на МПЦ објави проглас со кој го подржа договорот помеѓу нашите две земји. Како тоа е прифатено во Република Македонија.

Богојески: МПЦ е најголемиот промотор на македонскиот идентитет и во таа насока, слично на мојот став, договорот со Република Бугарија го препознаа како позитивен за нашите македонски интереси. Тој став на МПЦ отвора една многу поголема димензија, која може да резултира со решавање на едно од најважните прашања за нас, а тоа е афтокефалниот статус на нашата Црква. И на предходно интервју за друг медиум од кај Вас, истакнав дека повеќе од 20 години не пропуштам можност при средба со било кого, кој доаѓа од Република Бугарија, а да не ја истакнам важноста и можноста токму БПЦ да го затвори тоа прашање. Тоа ќе биде настан кој ќе го бетонира нашето пријателство, ќе ја отвори заедничката иднина на нашите деца, но историски тоа ќе биде настан со значење, според мене, поголемо од сите во последниве 100 години и во наредните 100 години. Прогласот на МПЦ во Република Македонија беше чудно одмолчен, од многу фактори во земјата. Особено ги изненади оние кои сакаат монопол врз тоа прашање да има СПЦ. Секако, сите ние кои и сакаме славна и вековита иднина на МПЦ, го дочекавме со радост и надеж за затворање и на тоа прашање.

БГНЕС:        Во Република Македонија во тек се избори? Кој се Вашите очекувања.

Богојески: На Македонија, како на секоја друга европска држава, и се потребни демократски и слободни избори. Тоа е најважно. Резултатот не е важен, доколку политиката нема егзистенцијален карактер во едно општество. Кој ќе победи, треба да биде одлука на слободната волја на граѓаните, а политичарите истото безприговорно да го прифатат. Доста беше злоупотреба, сите изборни циклуси да бидат прогласувани за референдуми за решавање на прашањето за името или идентитетот или други национални прашања. Изборите треба да бидат само избори, а се знае што е референдум. Граѓаните треба да бидат спокојни и обединети за време на избори, без разлика на која политичка партија и припаѓаат. Ако политичката кариера на еден политичар е загрозена, тоа не значи дека е загрозена иднината на Републиката. Ние не можеме да бидеме заложници на личните интереси на неодговорни политичари, кои се претставуваат како национални интереси. За нас, како ВМРО ДПМНЕ е значајно тоа што без Никола Груевски,  ние ќе остваревме подобар резултат. Но за жал, иако на време укажавме, инаетот на Груевски беше поважен од нашиот партиски интерес, и влеговме во кампања под негово водство, со што сериозно е загрозена победата во огромен број општини.

БГНЕС:        Зошто реформи во ВМРО ДПМНЕ?

Богојески: Реформите во ВМРО ДПМНЕ се прашање на идентификација на нас вмровците и прашање за опстојување на партијата. Прво треба да се направи јасна дистинкција помеѓу ВМРО, ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски. Целокупната меѓународна јавност, нас вмровците не перцепира како следбеници на Груевски, што е страшно погрешно. Дури и навредливо за нас. Ние сме робови на Идејата на Организацијата и заколнати дека ќе го продолжиме Делото. Ние сме следбеници на вредностите на ВМРО ДПМНЕ, кои не идентификуваат, а не на Груевски. Тоа е само раководител на партијата во заминување. Доколку не повикавме на реформи и унапредување во работењето на партијата, ризикувавме истата да биде целосно уништена. На овој начин, преку дебатата која се отвори пред јавноста и промоцијата на нашата алтернатива, ние дирекно ја заштитивме и обезбедивме иднината за ВМРО ДПМНЕ.

БГНЕС:        Колкава е подршката за Вашата иницијатива во меѓународните организации.

Богојески: Нашата иницијатива е автентична, внатрепартиска, вмровска, искрена. Не беше потикната од други надворешни или внатрешни фактори. Така и ќе продолжи да биде. Се разбира дека нашата соработка со меѓународната заедница е одлична, имаме соработка со сите пријатели на ВМРО ДПМНЕ, во насока да помегнеме да се спаси партијата од оваа состојба во која се најде. За разлика од Груевски, кој со слабо достоинство и со ниска самодоверба, стои пред амбасадорите, ние градиме силно партнерство со сите кои сакаат да помогнат на евро-атлантските интергации на Република Македонија. За Македонија има еден пат, тое се ЕУ и НАТО. Имавме посети на наши претставници во Брисел и Вашингтон, остварени се важни контакти, повторно ги градиме мостовите кои ги сруши токму Груевски.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO