Оние инвеститори дојдени поради субвенциите и „срамно евтината работна сила“ може да си одат од Македонија, но сериозните компании ќе останат и на долг рок, велат аналитичарите, пишува Мирјана Спасовска на саjтот на Радио Слободна Европа.

Мерките од владиниот план за економски раст може да предизвикаат заминување на стрaнските инвеститори кои во Македонија доаѓаат привлечени од „срамно евтината работна сила“, но оние кои се дојдени да работат за профит и на долг рок ќе останат, оценува Марјан Николов од Центарот за економски анализи. Тој дополнува дека тоа е индикативно со три правни субјекти кои со истекувањето на субвенционираниот период ги затворија фирмите за коишто беа дојдени во државава.

„Оние странски инвеститори од номадски карактер, кои доаѓаат привлечени само од субвенциите и од срамно евтината работна сила промовирана од претходната влада, со завршување на субвенциите ќе си заминат“, вели Николов.

Деновиве, меѓународните претставници имаа низа забелешки за планот на владата, а од ВМРО-ДПМНЕ постојано доаѓаат критики дека економските мерки на новата влада може да предизвикаат заминување на странските инвеститори.

Николов вели дека во изминатиот период имаше големи контроверзи поврзани со странските инвеститори. Според него, претставници од претходната влада и нивни функционери јавно работеле на стигматизирање на сите оние кои ќе се обиделе да внесат транспарентност во „кашата“ што претходната влада ја има направено за привлекување странски инвестиции.

Економистот Фармир Битиќи вели дека економските мерки не се доволно јасни и предизвкуваат многу недоумици. Тој нагласува дека особено не е доволно објаснета стратегијата за привлекување на странски инвеститори и оти мерките кои се претставени не се дефинтивни, туку ќе се дискутираат со разните чинители.

„Дали ќе се продолжи со активностите од претходната влада? Дали стратегијата на економски промотори и Агенцијата за странски инвестиции ќе бидат со истиот мандат? Има доволно прашања кои упатуваат дека не е јасно кој ќе биде начинот за привлекување странски инвеститори. Не видовме колку Македонија и владата е спремна да инвестира во мерката за странски инвестирања и затоа не можам да ја оценам сериозноста“, вели Битиќи.

Тој посочува дека е индикативно што во овие девет месеци приливот на странски инвестиции е намален, но тоа според него се должи и на претходната политичка ситуација.

Битиќи не верува дека инвеститорите ќе се повлечат од Македонија, но вели дека може да влеземе во циклус на намалување на интересот на инвеститори за земјава.

Николов, пак, укажува дека оваа влада има историска шанса да го смени стилот на привлекување на странски инвеститори. Тој во својата анализа упати апел до влстите да се откажат од потезите кои би можело да доведат до нова реприза на она што претходно го гледавме. Според него, Македонија може да стане одржлива дестинација за странски инвестиции преку стабилно владеење на правото, контрола на корупцијата, почитување на законите, еднаков пристап до пазарите и регулирани пазари од компетентни луѓе во регулаторните тела и недискриминација и немонополизација и олигополизација на пазарите.

„Спртивно се од тоа ќе биде само реприза на она што веќе го гледавме во јаловото практицирање на привлекуавње на странски инвестиции кое се базираше претежно на ценовни аспекти, во смисла на евтина работна сила, додворување на странските директни инвестирања преку таргетирање на соодветните закони од даночната и од царинската сфера за да бидат погодни за тие играчи, но не и за пазарот, така што оваа влада треба добро да размисли како да изврши ревизија на сите оние неуспеси и лоши пракси кои ги имаше претходната влада“, дополнува Николов.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO