Економистите сугерираат дека за зголемување на економскиот раст не постојат брзи мерки, туку дека некаков ефект може да се почуствува за една година, пишува Фросина Димеска на саjтот на Радио Слободна Европа.

Економските аналитичари засега се воздржани за изјавата на министерот за финансии Драган Тевдовски дека нема да го ревидира економскиот раст предвиден со ребалансот на Буџетот и дека очекува економијата до крајот на годината да порасне за 2,2 отсто.

Според економскиот аналитичар Слободан Најдовски, треба да се почекаат резултатите и да се види што се случува од јули наваму, бидејќи податоците од Заводот за статистика се од првото полугодие. Од податоците за приливите по основ на ДДВ може да се извлече заклучок дека има придвижување во летниот период, а и растот од 2,2 отсто не е голем и може лесно да се достигне, додава Најдовски.

„Сметам и дека со откочувањето на процесот за продолжување на работата на двата автопати кои во моментов се изведуваат во Македонија има можност да се зголеми процентот на ангажираност на градежништвото во земјава, а позитивен сигнал е и тоа што е подобрена политичката клима“, вели Најдовски.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, пак, смета дека оценката на Тевдовски е оптимистична.

„Очекувано е од министрите и од владите така да зборуваат и да предвидуваат, меѓутоа тоа не е реално можно, бидејќи не постои таква мерка која за месец, два или три, колку што и остануваат до крај на годината да предизвика таков скок во економскиот раст“, вели Хајредини.

Тој додава дека и на подолг рок не треба да се постават работите дека за растот се зависи од владата, туку дека таа треба да создаде услови домашните и странски бизснисмени да инвестираат, да се зголеми извозот итн.

„Тоа се крупните мерки што треба да се реализираат, но тоа не дава резултати за неколку месеци, туку треба цела една година да бидат во функција за да се очекува раст“, вели Хајредини.

Минатата недела премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев претставија план за раст на економијата во Македонија, ветувајќи ослободување на приватниот сектор од политичките стеги, транспаретност на политиките во нивното спроведување, еднаков третман на домашните и странските инвеститори. Како економски мерки по предлог на мнозинството, пак, во Собранието се дебатира за законите за стечајни работници и зголемување на минималната плата. Ваквите чекори немаат директна поврзаност со зголемувањето на растот, но економистите велат дека се оправдани од социјален аспект.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO