Македонија потрошила 11.000 евра по работно место во фабриките на странските инвеститори. Анализата на трошоците што денеска ја објави Владата открива фрапантни податоци, пишува Deutsche Welle. Од 2007 година заклучно со мај 2017-та, странските директни инвестиции „лапнале“ најмалку 225 милиони евра. Од вкупната државна помош и трошоци, директно на сметките на странските фирми им се префрлиле близу 26 милиони евра неповратни грантови, на име на даночни и царински ослободувања потрошени се околу 70 милиони евра. Остатокот од 130 милиони евра е на име трошоци за привлекување на странските инвеститори. Целиот процес се водел далеку од очите на јавноста, без какви било утврдени критериуми:

„Ова е сумираниот резултат од декласифицираните договори кои биле склучени во затворен круг, кои биле затворени за јавноста. Договори со кои се игнорирало македонското стопанство. Не постоел документ ниту водич со критериуми за преговарање, или барем ние не го најдовме. Критериуми не постоеле. Преговарале министри, промотори, советници без никакви критериуми. Кога завршувале овие преговори Владата на Никола Груевски ги класифицирала договорените работи, односно ја обезбедувала тајноста на истите. Со тајните договори, некои од компаниите добивале повеќе, а некои помалку“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Најмногу се офајдиле големите фабрики

За креирање работни места биле потрошени 14 милиони евра, но не сите компании добивале идентични суми. Со тајните договори, некои фирми добивале по 1000 евра за работно место, а некои по 11000 евра неповратна поддршка. Дополнително на име обуки од државниот буџет на сметките на компаниите директно им се исплатени 5 милиони евра. Некои добивале по 100, а некои по 3000 евра. Она што боде очи во целиот процес е што поголемиот дел од регистрираните 20.000 вработени во најголем дел воопшто не биле нови вработувања, туку само преземања од македонското стопанство. Точните бројки од Владата не ги соопштуваат, но според информации на Дојче веле станува збор за дури 80% вакви случаи. Или, само 4.000 од вкупно 20.000 вработени во 25 фабрики на странските инвеститори се нови вработувања.

Најголем дел од парите отишле кај најголемите фабрики, односно оние со најмногу вработувања, како Џонсон Контролс, Дрекселмаер, Џонсон Мети. Од владиниот колач се офајдиле и медиумите на кои неофицијално на име на странски инвестиции поранешната власт им поделила околу 12 милиони евра. Од Владата засега не откриваат детали за секоја поединечна компанија:

„Договорите се декласифицирани во целост, вие сте новинари и мислам дека знаете што е пораката. Ова е само првиот дел од анализата. Во наредните денови ќе има уште една прес-конференција со дополнителни детали. Бројките кои ги презентираме не се финални, туку се заклучно со мај 2017. Но сѐ што ќе произлезе како заклучок ќе се објави во јавноста и ќе се проследи и до македонските правосудни органи“, вели Бошњаковски.

Склучените договори ќе се почитуваат

Сите овие договори, според него, сѐ уште се на важност и во наредниот период тие ќе се почитуваат во целост:

„Владата на РМ ќе ги исполни во целост сите обврски и договори кон сите странски инвеститори. Сите обврски ќе се испочитуваат во целост, тие ќе продолжат да работат и се разбира ќе ги користат бенефициите во целост“, вели Бошњаковски.

Наспроти тврдењата на претходната влада, анализата открила дека македонските компании речиси воопшто и немале бенефит од присуството на странските инвеститори. Или, според досега прибраните податоци, компаниите на странските инвеститори само 1% од своите набавки го правеле од македонски компании. Од т. н. три столба содржани во анализата, Владата денеска во детали ги обзнани само првите два. Дополнително јавноста треба да стане сведок и на третиот столб трошоци за привлекување на странските инвеститори тежок 130 милиони евра.

Паралелно со скенирањето на финансискиот дел на една од клучните стратегии на поранешната власт, новата влада најавува нов пристап во политиката со која нема да има привилегирани, односно условите за странските и домашните бизнисмени ќе се изедначат. Со новиот модел, кој наскоро треба да се објави во јавноста, ќе се дефинираат јасни критериуми врз основа на кои ќе може да се добие државна помош.

Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO