Светот стои на прагот на нуклеарна војна или почеток на нова ера во која Кина ќе преземе глобална одговорност.

За прв пат од Карибската криза во 1962 година светот е на праг на нуклеарна војна. Сега на чело на Америка не е Кенеди, а Трамп. Неговиот противник не е СССР, кој при целата своја жед за власт сепак стравувал од ризиците, чиј обем е тешко да се процени, туку севернокорејскиот диктатор со своите доисториски концепти. (…) За него нуклеарното оружје е гаранција за сигурноста на режимот.

Светот трепери од вербалната ескалација на конфликтот меѓу Вашингтон и Пјонгјанг. Падот во бездната сеуште може да се спречи. Во најдобар случај надвиснатата закана ќе доведе до „нов светски поредок“, за кој толку многу се зборува. Тука сè зависи најмногу од Кина. Пекинг е во можност да ја намали заканата од војна преку санкции и дипломатија или пак да остави се на самотек и конечно да ја загуби контролата врз ситуацијата. Во првиот случај на Кина ќе и се наложи да преземе глобална одговорност, во вториот – ќе продолжи гонењето на националните интереси и ќе се обиде да ги префрли на други стрелките за решавањето на непријатните проблеми.

Пекинг контролира 90 отсто од надворешната трговија на Северна Кореја и би можел да го натера Ким Џонг Ун да се согласи на преговори – до моментов Кина не го активирал овој лост за притисок. Тој чека за да не избира меѓу двете кошмарни сценарија. Првото ќе дојде, ако режимот во Пјонгјанг падне и Кина биде поплавена од бегалски бран. Кореја ќе се обедини и ќе стане конечно сојузник на САД.

Второто сценарио предвидува војна пред сопствениот праг и сосема можно со користење на нуклеарно оружје. Работата ќе стигне и до економска криза: Кина нема да ги постигне показателите на раст потребни за да ги омекне внатрешните конфликти и да постигне фаворизирање на сопствениот народ.

Ким и Трамп на најбезмилосен начин играат со овие стравови на Кина. И двајцата сакаат да ја повлечат Кина на своја страна.

Но, постои и Јужна Кореја, која со сите сили се обидува да го разубеди Трамп од воен удар. Војната ќе се води на Корејскиот Полуостров, а главниот град на Јужна Кореја Сеул со неговите 10 милиони жители лежи во зона, која ќе потпадне под ударите на севернокорејската артилерија и ракети со мал дострел. САД ќе го победат Ким, но Јужна Кореја ќе настрада жестоко.

Во 1962 година САД и СССР успеаја да се договорат. Кубанската криза доведе до транзиција од оружена трка кон контрола над неа и симнување на ракетите. Во 2017 година Корејската криза може да доведе до нов светски поредок, во кој САД и Кина ќе мора да ја поделат глобалната одговорност. Во спротивно ќе се пролее многу крв.

–––––––––––

Анализата на коментаторот Кристоф фон Маршал е објавена во германскиот весник „Тагесшпигел“.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO