Кога бев мал, баба ми Ценка, родена и одгледана во Скопје, ми велеше: „Македонија се нарекува така, бидејќи е земја на маките!“ Никако не можев да ја разберам. Роднините ни од Скопје, кои често не посетуваа никако не изгледаа измачени. Беа подобро облечени од луѓето во Софија. Често ми носеа чоколади „Краш“, кои беа многу повкусни од единствената која се продаваше кај нас – безимена, но нарекувана од сите „Чоколада Крава“, поради сликата на обвивката. Роднините ми подаруваа интересни играчки. Сестрата на баба ми, баба Деница секогаш повторуваше: „Бабин, златен, кога ке ми дојдеш во Скопје“? Тетка ми Мирјана и чичко Стојан кој го имаше најубавиот часовник кој го бев видел и никогаш не го местеше по бугарско време, пак не канеа на нивната вила на Дојранското Езеро. Мојот омилен роднина беше чичко Бошко. Беше прв братучед на татко и си личеа како две капки вода. Неговата сопруга, тетка Бранка беше Србинка и не секој пат доаѓаше со него, но кога ќе дојдеше, стануваше душата на компанијата. Беше толку весела, така што за сите беше празник, таа да биде меѓу нас. Чичко Бошко не не покануваше, бидејќи знаеше дека ние не можеме туку така да одиме во Македонија. А кога моите родители добиваа дозвола да отидат, морав да бидам оставен во Бугарија како „заложник“. Постепено разбирав дека живееме под власта на идиотска комунистичка диктатура. Но не можев да ја сврзам Македонија со никакви маки. Да, знаев дека нашата блиска Румена загинала при големиот земјотрес. Можеби затоа баба ми зборуваше така. Но таа не се откажуваше од зборовите. Повторуваше дека е многу стара, дека видела што ли не и дека го помни дури и турското ропство …

Од пиедесталот на својот долг живот таа ги гледаше временността и минливоста на состојбите кои за нас, кои бевме одраснати во нив ни изгледаа вечни и непроменливи.

Кога на 27 април оваа година некаков идиот ја влечеше за коса Радмила Шеќеринска – тогаш народен претставник, се сетив на зборовите на баба Ценка. Македонија повторно беше станала земја на маките.

Инаку, неодамна бев убеден дека Радмила Шеќеринска е најнепријатниот човек, со кого некогаш сум разговарал! Се запознавме на еден меѓународен семинар во Софија на крајот на 90-тите години. Таму таа зборуваше со Србите на српски, но со нас само на англиски! Вечерта, во ресторанот седевме еден до друг. Цело време таа ја напаѓаше Бугарија дека ја следела политиката на Тодор Живков во однос на Македонија. Сите обиди да и припомнам за Андреј Љапчев за Симеон Радев, дури за баба ми Ценка не даваа резултат. Таа си знаеше што „признале“ Тито и Димитров и што „негирал“ Тодор Живков. Прокоментирав дека историјата е таква каква што била и ниту ние, ниту Тито и Димитров, ниту дури Сталин и Черчил можат да ја променат, дека не може да има „бугарска“ и „македонска“ позиција за историјата, бидејќи не сите бугарски и македонски историчари мислат на ист начин. И припомнив дека дури и еден македонски министер – професор Димитар Димитров не ги негира бугарските корени на Македонците. Таа луто го прогласи за предавник!

Денес, дваесетина години подоцна г-ѓа Шекеринска, заедно со синот на проф. Димитров се членови на влада, која потпиша договор за пријателство и соработка со Бугарија. Со овој договор Македонија се откажа од основниот постулат на договорот од Блед потпишан од Тито и Георги Димитров.Тогаш комунистичка Бугарија се беше ангажирала да го гледа целото „словенско население“ на географска Македонија, не како дел од бугарскиот народ, а како еден од југословенските народи .

Цели 70 години македонската страна го поставуваше како услов за нормализирање на односите меѓу двете земји, Бугарија да „признае“ дека низ вековите постоел посебен македонски народ, кој зборувал посебен македонски јазик, дека во 1913 година Бугарија учествувала во поделбата на овој македонски народ и затоа во Бугарија има компактно македонско малцинство.

На 1-ви август 2017 година Македонија се откажа од тоа барање.

Сигурен сум дека многу Македонци го доживуваат ова откажување како понижување, дури „капитулација“! Убеден сум дека за министер Шеќеринска било поболно да демонстрира пријателство со министерот Каракачанов отколку некој идиот да ја влече за косата!

Јас се разбира денес, повеќе од кога ида било го сметам Красимир Каракачанов за политички противник. Неговиот предлог за целосно обновување на нашите борбени авиони во Русија, според мене граничи со национално предавство. Не го прифаќам и долгогодишниот арогантен однос кон денешните Македонци, кое по ништо не се разликува од односот што Шеќеринска го демонстрираа пред Бугарите, и го сметам за контрапродуктивно!

Се надевам промената во однесувањето на Радмила Шеќеринска да е произлегува од искрено осмислување на историјата и разбирање дека ова осмислување е потребно за спасение на нејзината земја.Нејзината искреност ќе се види по тоа колку брзо ќе бидат обновени гробовите на полковникот Каварналиев крај Дојран, на полковник Илиев во дворот на црквата во Прилеп, на македонските војводи(од Северна Бугарија) Христо Чернопеев во Штипско Ново Село и  Тома Давидов недалеку од Охирд и многу други. Да видиме дали таа ќе најде сили, заедно со претставници од Бугарија да се поклони пред нив!

Не можам да ги симпатизирам и тие Македонци кои денес демонстрираат против договорот, но ги разбирам. Иако во СФРЈ Македонците да беа „чокалии“ и во одреден степен најзанемаруваниот народ, сепак во споредба со советизираната Бугарија тие беа изведени во повисока глобална орбита. Имаа повеќе можности, повеќе слободи, повеќе лично достоинство. Цената за тоа беше да не им објаснуваат на своите деца дека нивните баби и дедовци се чувствувале Бугари, дека некои од нив како мојата пратетка Екатерина Симидчиева дури умрела за бугарштината.

Нема да им биде лесно на денешните Македонци да разберта и прифатат дека во мнозинство, нивните предци биле Бугари. Но и ние тешко ќе прифатиме дека македонскиот идентитет не се корени во одреден декрет на Коминтерната, макар и тој да одиграл своја улога, а во постепеното осознавање кај македонските Бугари во неможноста на почетокот на 20 век да се изборат било за обединување со Бугарија , било за автономна Македонија со бугарски јазик, училишта и цркви.

Омразениот од Радмила Шеќеринска проф Димитар Димитров го опишува процесот на најдобар можен начин:

„Да, најголемо зло за Македонците беше – што беа Бугари, а што Европа, преку Грција и Србија, не им дозволи да продолжат да бидат. Да пркосат? Да се предадат? Од Груев до Мисирков, од Христо Узунов до Cтoјан Мишев, од Шарло и Ченто до Колишевски и Глигоров, крвари драма, се черечи еден народ. Како да побегнеш од злото, кое го претставува твоето сопствено битие, ти самиот? Ние, македонската нација – сума и актуален чин на оваа драма, немаме причина да се срамиме од себе, од дванаесетвековната етнобиографија под „номиналната ознака“ Бугари. Срамот и припаѓа на Европа, најмногу на Русија, Англија, Франција, Австро-Унгарија ; на Србија и Грција затоа што еден народ, кој се одржал половина милениум под турско политичко ропство и уште толку и повеќе под грчка духовна доминација, го раскасапија поради сопствени егоистички стратегии, на дел од него инектирајќи му го грчкиот и српскиот шовинизам, „воспитувајќи“го да си замрази името и родот. „(Името и умот. Изд. Наше дело стр, 238) .

Кога сите Македонци и Бугари, дури и Шеќеринска и Каракачанов ги прифатат констатациите на Димитров, Договорот навистина ќе проработи. Додека многумина во Македонија веруваат дека Македонцитете никогаш не биле Бугари, а многу во Бугарија се убедени дека и денес македонски народ и македонски јазик не постојат, пријателството ќе е само на хартија.

Тоа само по себе крие големи геополитички ризици. Сојузништво меѓу двете земји е повеќе од потребно. Но тоа е непожелно од многумина. Кажано просто, ако пред сто години повеќето Македонци сакале да живеат како македонски Бугари со останатите Бугари, но не им беше дозволено, така и во последните речиси три децении повеќето Македонци сакаа да живеат како Македонци – југословени заедно со останатите југословенски народи. Оваа можност повторно не им беше дадена од историјата. Како да не се согласи човек дека Македонија е земја на маките!

Глупаво е да ги убедуваме денешните Македонци дека Југославија била лоша кон нив. Но време е тие да разберат дека шансата Југославија да се прероди и тоа во привилегирана позиција од времето на Студената војна е точно толкава колку Никола Груевски да ја собере фалангата и да ја поведе кон Индија!

За прв пат од речиси век и половина големите демократии инсистираат за единство и соработка помеѓу Бугарија и Македонија. Русофилството во Бугарија и југоносталгијата во Македонија работат напорно против тоа зближување. Но само тоа дава шанса да ставиме крај на маките и во двете земји. Дај боже да имаме мудрост да го направиме!

––––––––––––––-

Автор: Николаj Василев-член на раководството на БЗНС и потомок на Екатерина Симитчиева , бугарска учителка родена во Скопjе, деец на ВМОРО и борец за црковна независност во Македониjа


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO