Ако може да се верува во духови, Владимир Путин има нов човек на Балканот, пишува Politico.

Николај Патрушев, јастребот на Кремљ, офицер за разузнавање и близок соработник на рускиот претседател, е шеф на рускиот Совет за безбедност и е познат по својот огнен национализам, конспиративен светолед и широко искуство во шпионажа.

Неформалното портфолио на Балканот за Патрушев ќе стане стартап модел. Додека руската надворешна политика официјално се паѓа на министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, вистинското донесување одлуки се повеќе се раководи од мала група вработени во разузнавањето и одбраната кои имаат близок пристап до Путин.

„Русија се повеќе се претвора во адхокрација каде лицата добиваат одговорности кои може или не може да се вклопат во нивната официјална мисија“, вели Марк Галеоти, експерт за руските служби за безбедност и виш истражувач во Институтот за меѓународни односи во Прага.

„Патрушев дефинитивно е еден од луѓето кои сметаат дека Русија е во егзистенцијална борба за опстанок“, додава тој. „Ова е Студената војна, манихејската визија за светот. Свет во кој секакво свртување од Западот е имплицитно добро за Москва“.

Учеството на поранешниот шпион покажува потврд руски пристап кон Балканот.

Патрушев се приклучува на КГБ на Советскиот Сојуз во 1974 година се смета дека за прв пат се сретнал со Путин – поранешен вработен на разузнавањето – уште во почетокот на 90-тите години. По 10 години како шеф на ФСБ, внатрешната служба на КГБ, тој се преселува во 2008 година во Советот за безбедност – влијателен орган од високи чиновници, создаден од Путин.

Со голем дел од својата кариера помината во сенките, Патрушев има мало јавно досие за учество во надворешната политика. Но, тој е познат како еден од ретките советници блиски до шефот на државата, кои се тесно вклучени со планот за анексија на Крим во 2014 година

Руските безбедносни служби остваруваат се поголемо влијание врз надворешната политика, смета Андреј Кортунов, директор на Советот за меѓународни односи на Русија, советник на Кремљ.

Во јавни изјави Патрушев изјави дека САД се обидуваат да ја разградат руската држава, за да „откријат пристап до богати ресурси, за кои сметаат дека Русија неправедно ги контролира“. Тој го критикува и тоа што го смета за уште поагресивно однесување од страна на НАТО.

Неофицијалната нова позиција на Патрушев, доаѓа во време на лоши односи со Западот.

Русија е особено лута за пристапувањето во НАТО претходно овој месец на Црна Гора, малата јадранска земја која ги обвини руските службеници во разузнавањето дека  раководеле со обидот за преврат во земјата минатата година, очигледно наменет да ја загрози кандидатурата за членство.

По обвинувањата дека рускиот претседател е вмешан во заговорот за државен удар, Патрушев се упатил кон Србија, за да се сретне со високи функционери и припадници на безбедносните сили. Според извештаите на медиумите, Белград екстрадирал неколку руски државјани, обвинети за раководење на заговорот.

Официјални лица во Москва инсистираа на тоа дека нема ништо невообичаено во патувањето, но улогата на Патрушев порасна оттогаш.

Минатиот месец тој се состана со министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ за време на неговата посета на Москва.

„Во последната година стана јасно дека Патрушев е даден на Балканот“, тврди Галеоти. „Тоа кажува нешто за важноста на регионот“.

Патрушев нема познати професионални врски со Балканот, но го назначи Леонид Решетников, експерт на Балканот и поранешен разузнавач, во Советот за безбедност. Минатиот октомври, во пресрет на обидот за државен удар во Подгорица, Решетников изјави дека е „време за Русија да се врати на Балканот“.

Издигнуваниот профил на Патрушев на полуостровот совпадна со зголемувањето на руската дејност во регионот.

Двајца руски државјани – Едвард Сисмаков и Владимир Попов – беа обвинети од црногорскиот суд во обид за поткопување на уставот на земјата за време на наводниот обид за државен удар минатата година. Црногорските обвинители сметаат дека двајцата се руски разузнавачи. Сисмаков, како што беше соопштено од руските медиуми, работел како воено аташе во руската амбасада во Полска пред да биде протеран во 2014 година под обвинение за шпионажа.

Документи откриени оваа година, покажуваат и концентриран напор на руските шпиони и дипломати во Македонија за зголемување на поддршката за проруски групи.

Русија може да преземе „многу сериозни“ мерки во одговор на секое понатамошно проширување на НАТО на Балканскиот полуостров смета проф. Елена Гускова од Институтот за словенски студии во Москва.

„Судејќи по Црна Гора, можат да се преземат многу различни чекори“, посочува Гускова, повикувајќи се на одлуката на Кремљ да ги скрати економските врски и ги повика руските туристи да не ја посетуваат земјата која зависи од туристичките приходи.

Патрушев предупреди претходно оваа година дека НАТО се стреми да ги убеди Босна и Херцеговина, како и Македонија да се приклучат кон блокот за безбедност.

Според експерти, земјата најверојатно ќе ги концентрира своите напори на одржувањето на постоечките сојузи на Балканот. Тоа значи, особено, Србија. Двете имаат заедничко словенско потекло и се со претежно православни христијани.

„Русија ќе се придржува кон земјите на Балканскиот Полуостров, кои ја потврдуваат решеноста да не се приклучат кон НАТО“, смета Кортунов.


Коментарот во в. „Политико“ е на родениот во Лондон новинар Хауард Ејмес кој живее во Москва и во последните шест години пишува репортажи од цела Русија и поранешниот Советски Сојуз.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO