
Започна изградбата на гасоводот „Турски поток“, кој одамна е во агендата на Русија и Турција. Се очекува гасоводот по кој рускиот гас ќе минува по дното на Црното Море во Турција, а од таму во Европа, да биде пуштен во употреба кон крајот на 2019 година Во изјавата на рускиот енергетски гигант „Газпром“, кој го реализира проектот, се вели следново: „Нашите турски и европски клиенти ќе добијат нов сигурен пат за увоз на руски гас“.
Кој и што ќе спечaли од „Турски поток“? Кој ќе изгуби? Што е значењето на овој проект за енергетската геополитика? Сите овие прашања ДВ ги постави на енергетскиот експерт Неджет Памир.
Прашање: Започна изградбата на „Турски поток“, кој ќе го заземе важно место во испораките на руски природен гас. Русија се стреми да продава дел од својот природен гас во ЕУ преку Турција. Кога „Турски поток“ ќе биде готов, какви промени може да очекуваме во енергетската геополитика?
Неджет Памир: Во декември 2014 година, Владимир Путин, за време на посетата на Турција, го предложи овој проект неочекувано и за самата Анкара. Тогаш капацитетот на проектот беше 63 милијарди кубни метри, кој вклучува четири цевки, секоја со моќност по 15,75 милијарди кубни метри. Едниот дел требаше да ја напојува Турција, другата – Европа. Во какви услови Путин го предложи овој проект? По реакцијата на ЕУ и Америка на настаните во Крим и Украина. Покрај тоа, како одговор на Третиот енергетски пакет, подготвен од ЕУ со цел да се уништи монополот на „Гаспром“ на територијата на регионалната организација. Т.е. Путин даде сигнал: „Не сум во ќорсокак. Ако вие се обидувате да ми попречувате со санкции, исто така имам различни алтернативи, пред сè Турција?“ Сите имавме сериозни сомневања за тоа колку овие планови се остварливи. Во голема мера тоа беше политички проект. Откако Русија и ЕУ не најдоа заеднички допирни точки, Русите се судрија со проблем и немаше никакво значење дали гасоводот ќе помине низ Турција или низ Бугарија. Со други зборови, овој конфликт се базираше на неможноста да се најдат заеднички допирни точки. Што следи? Кризата со соборениот руски воен авион со Турција и сл, проектот беше одложен. Потоа беше обновен поради обновување на руско-турските односи, кои припомнуваат на принуден брак. Само што овој пат „Турски поток“ има друга моќ. Две цевки со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри. Едната е за Турција, а втората од Турција за Европа. Сега повторно има спорови, колку втората цевка е остварлива, ако Европа повторно не стигне до заеднички став.
Прашање: Што означува за Турција оваа нова цевка, која ќе помине низ нејзина територија?
Неджет Памир: Од гледна точка на Турција таа добива цевка со моќност 15,75 милијарди кубни метри наместо 14 милијарди. Односно во однос на нашата зависност од Русија не настапуваат никакви сериозни промени. Оваа зависност и без тоа е многу висока – некаде на ниво од околу 55%. Зависноста на Турција од Русија не се намалува, а дури и малку се зголемува. Покрај тоа, Русија и дава сигнал на Украина. Дали да и се довериме на Русија? Се испоставува дека кога вие сте до таква мера зависен, ако Русија сака да ве казни – да го сопре природниот гас, без разлика дали станува збор за технички проблем или од друга причина – турската економија може да западне во тешка состојба.
Прашање: Што значи тоа од гледна точка на енергетската сигурност на Турција?
Неджет Памир: Прекумерната зависност од Русија е сериозен ризик. Ако ги погледнете дневните потреби, во текот на студените зимски месеци тие достигнуваат до 260 милиони кубни метри, Но нашиот физички потенцијал е околу 210 милиони. Од нив 90 милиони ги добиваме од Русија. Кога се додаде и „Турски поток“ ќе добиваме 100 милиони. Ако 50 од 100 одеднаш бидат отсечени, животот ќе биде парализиран. „Турски поток“ не ја влошува денешната ситуација, но ако нашата главна цел е намалување на зависноста, тогаш треба да ја намалуваме зависноста и од природниот гас.
Прашање: Кој печали, а кој губи од „Турски поток“ во неговиот денешен вид?
Неджет Памир: Русија печали. Зошто? Таа ја казнува Украина, директно излегува на пазарот на Турција, продава со 1,75 милијарди кубни метри повеќе гас. Некој може да си каже: „Што значат некакви си 1,75 милијарди, ако договорот е за 30 милијарди?“ Давајќи и сигнал на Украина и зголемувајќи го својот удел, Русија ги засилува своите позиции до тогаш, додека не биде пуштен во употреба Трансанатолскиот гасовод / ТАНАП /. Покрај тоа дава повеќе сигнали. Пред сè на ЕУ. Затоа прво од проектот печали Москва. Турција не добива попуст во цената на природниот гас за овој гасовод. За Турција тоа не е голема неволја, но не можеме да зборуваме дека Турција го добива она, што и следува да го добие.
Прашање: Конкурент ли е „Турски поток“ на ТАНАП, чија изградба е започната порано и треба да донесе во Европа азерски гас од Турција? Анкара вели дека тоа ќе ги засили нејзините позиции. Вие што мислите?
Неджет Памир: Преку ТАНАП ние ќе добиеме по 6 милијарди кубни метри гас од Азербејџан. Ако погледнеме во најопшти црти, кога ТАНАП ќе проработи, нашата зависност од Русија во некоја мера ќе се намали. Тоа е добро од гледна точка на енергетската сигурност. Ова ќе ги засили турските позиции, но за ТАНАП беше потпишан таков договор со кој во економска смисла Турција е во загуба, а Азербејџан – на плус. Далеку по разумно беше да се активираат неискористените цевководи на „Боташ“. Вие учествувате во трошоците на нафтоводите и во исто време имате високи транспортни трошоци.
Прашање: Неодамна беа разгледани прогнозите за потрошувачката на природен гас во Турција. Што можете да споделите во врска со ова?
Неджет Памир: Прогнозите беа преразгледани во насока на смалување. Претходно тие беа за поголема потрошувачка. Во исто време кај нас се прават погрешни работи под слоганот „национален јаглен“. Ние секогаш ја поддржуваме политиката заснована на нашите сопствени ресурси, но во сферата на експлоатацијата на јаглен се прават погрешни чекори. Велат: „Ќе се концентрираме на сопствениот јаглен, нашите потреби од природен гас ќе се помали отколку што очекуваме и ќе се стабилизираме на пракса“. Во 1990 година зависноста на Турција од увозот на енергетски ресурси достигна 52%. Во 2000 година – 67%, минатата година – 76%. Нашата зависност расте. Во оваа врска вие можете целосно да го поддржувате јагленот, но неговиот потенцијал како гориво е низок, тој е со висока содржина на влага, сулфур и др. Затоа е потребен друг начин. Но на тендерите, кои се одржуваат денеска, вие велите: „Какви и компании да дојдат, ќе им ги дадам сите наши ресурси бесплатно; која од нив ќе ми продава најевтино струја, тендерот ќе биде нејзин“. Односно вие сте подготвени да ја дадете порачката на оној кој ќе даде најниска цена, без да поставувате никакви услови поврзани со технологијата, штетните емисии и слично. Повторно ја загадуваат животната средина и склучувате договори за кои не е познато до што може да доведат. Тоа е исклучително погрешен пристап. Неопходно е да се одржи посебно специјализирано истражување на јагленот во Турција.
Неджет Памир чита лекции за енергетска политика во светот и во Турција. Ја предводи комисијата на Републиканската народна партија / ЦХП / за енергетика, главен уредник на сајтот enerjienergy. com.
