
Кризата во Македонија не може и не треба да се гледа надвор од дестабилизирачките процеси во земјите на Западен Балкан, вели во интервју за Фрогњуз политичкиот аналитичар Мирослав Ризински.
Во ќор-сокак или пред разврска е политичката ситуација во Македонија до денес?
Со изборот на претседател на Народното собрание на Р Македонија, сметам дека иако бавно, а како што гледаме, не и без тешкотии и инциденти, има движење во насока кон разрешување на долгорочната политичка криза. По посетата на заменик-државниот секретар на САД Хојт Брајан Ји во Македонија, сме сведоци на тоа дека и реториката на претседателот Ѓорге Иванов е значително омекната. Тој веќе е подготвен да му даде мандат на Заев, ако му бидат дадени гаранции за интегритетот на земјата. Од последните изјави на Заев разбираме дека токму следната фаза е претставување на владината програма на г-дин Ѓорге Иванов но и на сите граѓани на Р Македонија за дискусија. Притоа Заев направи јасна дистинкција меѓу владината програма и „тиранската платформа“, нешто што беше забележано и во изјавата на Хојт Ји. Во тој однос Хојт Ји додаде дека споровите околу програмата на мнозинството треба да се решаваат во Парламентот.
Која е причината за „инаетот“ на претседателот Ѓорге Иванов, кој досега упорно одбиваше да го даде мандат за формирање влада на СДСМ на Зоран Заев?
Сепак да не заборавиме дека претседателот Ѓорге Иванов му должи за претседателскиот пост претежно на Груевски и на најблиското му опкружување. Ова тој самиот го докажа по начинот на кој ја извршуваше својата претседателска функција досега, како еден од најверните партиски војници. Многу ретко, за да не сум груб и да не кажам дека никогаш не сме го виделе да излегувал од рамките на зацртаните партиски политики на ДПМНЕ. Дури би рекол дека понекогаш бил доста порадикален во некои свои ставови и реакции во споредба со партијата која го издигна на претседателската функција. Но сега сме сведоци на соборување на режимот. Голем дел од опкружувањето на Груевски, од ден на ден се поретко се гледаат на партиските манифестации. Имам чувство дека и претседателот Ѓорге Иванов е еден од оние кои ја сфаќаат целосната меѓународна изолација на ДПМНЕ и со последната изјава најверојатно презема чекори за спасување од бродот што тоне. Од друга страна, како крајно амбициозен кариерист кој нема начин да не се гледа во идното реформирано ВМРО-ДПМНЕ, е речиси сигурно дека ќе преземе такви политички чекори.
Колку оправдани се стравувањата за „албанизирање“ на Македонија поради т.н. „Албанска платформа“? Каква е фактичката состојба со т.н.. фактор на албанизирање, има ли потенцијални закани за федерализација и евентуално отцепување на делови од Македонија?
Самиот факт дека овие „стравувања“ за „албанизирање“ на Македонија изникнаа по последните парламентарни избори, или поточно од моментот кога стана јасно дека ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да создаде парламентарно мнозинство, зборува дека се вештачки и политички мотивирани. До овој момент македонските Албанци учествуваа во извршната власт, на пример, новозибраниот претседател на Народното собрание беше министер за одбрана, македонските Албанци-пратеници во Народното собрание имаа право да зборуваат на албански јазик. Ништо од ова досега не се примаше како закана за „албанизирање“ на Македонија. Уште помалку како опасност за евентуална федералзација и отцепување на делови од Македонија. Затоа имам чувство дека предметната „албанска платформа“ како да е изготвувана во кабинетот на Груевски, или во некои центри кои му потфрлаат спасувачки појас. Тоа се претвори во тема која му овозможи да ја дефокусира јавноста од вистинските приоритети. Истовремено „албанската платформа“ му даде можност да се преоблече во „патриотско“ руво, да се претстави пред народот како спасител од т.нар. фактор на албанизирање и од заканите од федерализација или отцепување на делови од Македонија. И она што е основно и најважно – да го „аргументира“ блокирањето на предавањето на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. Аргументите дека треба да се направи разлика помеѓу владината програма и предметната „албанска платформа“, како и тоа дека споровите треба да се решаваат во институциите согласно законите и уставот беа премолчени. Токму тоа и беше целта, проблемите да се решаваат надвор од институциите, доказ за што се инцидентите на кои бевме сведоци во парламентот на Р Македонија.
Сите зборуваат за мешање од Тирана, ВМРО-ДПМНЕ се оплакуваат од евроатлантски диктат, но познавачите на регионот обрнуваат внимание на еден друг фактор, за кој не се зборува, но кој е видлив по оската Белград – Москва. Кои невидливи нишки се влечат оттаму?
Кризата во Македонија не може и не треба да се гледа надвор од дестабилизирачките процеси во земјите на Западен Балкан. Ајде да се потсетиме за обидот за државен удар во Црна Гора, референдумот во Република Српска, српската провокација во северно Косово, острата реторика меѓу Еди Рама и Хашим Тачи, од една страна и Александар Вучиќ, од друга во текот на преговорите меѓу Белград и Приштина. Заедничкото во сите овие процеси е дека тие го сопираат приопштувањето на Западен Балкан во евроатлантското семејство, а логично е присутна и „невидливата нишка“ на Москва. Што се однесува до политиката на Белград во однос на Македонија, таа секогаш ги поттикнувала стравувањата меѓу македонските граѓани од Албанија и Бугарија, со цел да ја држат Македонија во сопствената сфера на влијание. Да не зборуваме дека многу податоци сведочат дека Белград секогаш бил главниот актер при предизвикувањето на меѓуетнички тензии и конфликти во Македонија, во моменти кога треба да решава српското прашање во Косово. За Белград тоа нешто е навистина многу лесно, имајќи го во предвид неговото силно медиумско влијание, но и тоа дека ги наследија поранешните југословенски служби на територијата на Р Македонија, чии пипала стигнуваат до политичари и во двата етноса. И овој пат реториката на владините медиуми во Србија во однос на кризата во Македонија беше во склад со политиката на Груевски во однос на албанската закана. Многу нешта зборуваат дека со поттикнувањето кон федерализација или евентуалната поделба на Македонија се со цел создавањето на преседан за такво политичко решение и за Косово, во корист на Србија.
Ќе повлијае ли позитивно евентуално идната влада на Заев врз развојот на бугарско-македонските односи?
– Во последното интервју за БГНЕС, г-дин Зоран Заев артикулира дека Бугарија и Борисов се големи пријатели на Македонија. Дополнително веќе втор пат истакнува дека во Македонија живеат и Бугари, факт кој досега не беше признат од ниту еден политичар во Македонија. Ако навистина г-дин Заев е искрен во овие искази, тоа навистина може да биде основа за позитивен развој на бугарско-македонските односи. Ние пак, како Бугари од Македонија, најмногу инсистираме за вистинско демократизирање на македонското општество, со што да се создадат услови за наше учество во политичкиот и јавниот живот во Македонија. Треба да се престане со онаа наметната од Белград политика кон Бугарите од Македонија и лажната претстава за нив дека се најголемите непријатели на Македонија. Ние, македонските Бугари сме задоени со идеите на историското ВМРО и тоа не дефинира како македонски патриоти. ВО нашите сограѓани во Македонија, кои како резултат на трагичните историски настани, се чувствуваат како етнички Македонци, гледаме сонародници, со кои споделуваме една и иста историја и еден и ист јазик. Ова е тема која треба да не обединува, но и причина повеќе да ја отвориме за дискусија публично. Не верувам дека во едно демократско општество треба да има забранети теми, а најмногу во однос на нашето заедничко минато. Тоа нема да не направи послаби, напротив од тој процес ќе излеземе посилни и обединети.
