
Српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека Бугарија се „уплашила од напредокот“ на Србија и од таа причина одбила да го даде под концесија аеродромот во Софија.
„За концесијата на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград поднеле документи до моментов 25 авиокомпании и тие ќе учествуваат на тендерот. Никогаш немало такво натпреварување. Софија се откажа, бидејќи сфатила колку ние сме успешни во оваа фаза“, рече Вучиќ за локалната телевизија „Пинк“.
Потсетуваме дека на 21 март службениот министер за транспорт Христо Алексиев, рече дека ќе побара од Министерскиот совет да донесе одлука за запирање на концесијата на аеродром Софија. До оваа одлука на бугарските власти се дошло по експертска анализа, што укажува дека во ситуацијата на сегашната концесија државниот интерес не е заштитен.
