
Македонските текстилни компании се надеваат дека политичката криза нема да влијае врз склучувањето договори со нови партнери кои веќе се во тек. На средбата со бугарските колеги во Штип тие договорија соработка за заеднички настап на трети пазари.
Станува збор за проект, поддржан од Програмата за прекугранична соработка, во кој ќе учествуваат Македонската текстилна асоцијација и Бугарската текстилна асоцијација во Ќустендил.
Предност на производителите од двете страни е квалитетот, но и имиџот кај странските партнери, сметаат партнерите. Сепак тие се уште се соочуваат со недостиг на работна сила и сметаат дека не добиваат доволно поддршка од државата.
„Ова е трет наш заеднички проект со Бугарија. Продолжуваме со соработката во насока на подобрување на конкурентноста на трети пазари. Денес сме собрани заедно за да изградиме визија за регионот. Ќе работиме на стратегија за комуникација и, се разбира, планираме заеднички моден настан „, рече Наташа Сивевска од Текстилната асоцијација во Македонија.
Според Јордан Беловоцки од Бугарската текстилна асоцијација македонските компании заостануваат во однос на модернизацијата на производството, за разлика од бугарските кои одат напред. Причината е дека нашата земја е членка на ЕУ и како таква има повеќе средства за купување на нови машини.
„Државните институции и во двете земји не ни ја даваат заслужената поддршка. Сепак бугарскиот текстилен сектор има околу 100 000 вработени и е меѓу првите три поголеми индустрии во земјата „, истакна Беловоцки.
