
Чудна позиција пропагандираа од МПЦ во пресрет на народниот обичај Баба Марта. Поповите очигледно се многу „загрижени“ од фактот дека во Македонија се обнови традицијата за носење на мартинки. Истиот обичај е карактеристичен и за целата бугарска територија, мартинки се носат дури и по некои места во Романија, а исто така и во областите Голо Брдо и Преспа во Албанија.
Мартинката е мал накит, се изработува претежно од волнено или памучно предиво во два основни бои – бело и црвено. Боите имаат строго одредена смисла: црвено – крв, живот; бело – чистота, среќа. Мартинките се носат до појавата на бои на дрвјата или на првите птици преселници или со други зборови – до доаѓањето на пролетта.
Бугарската православна црква никогаш не влегува во конфронтација со народниот обичај, кој е масовен и еден од најомилените во Бугарија веќе со векови.
Затоа позицијата на МПЦ буди недоумица и е необјаснета: „Секој оној што на својата рака ќе стави или на својата облека ќе закачи таканаречена ‘мартинка’ (нешто како нараквица направена од црвен и од бел конец) за здравје и за среќа, да знае дека од тој момент (свесно или несвесно) се откажал од Бог, односно од Православната Вера и Црква, и не може да учествува во нејзините Свети Тајни. Не може истовремено да веруваме и во Бог и во мартинка“, смета Црквата. И уште: „Носењето мартинка е суеверен и магиски обичај, а со тоа и демонски обичај, затоа што луѓето што ги носат веруваат дека мартинките, откако ќе ги стават на себе на први март, не смеат да ги извадат сè до доаѓањето на пролетта и доаѓањето на ластовичките (или штрковите) и сè додека да расцути првото дрво. Потоа, според истото погрешно верување, мора да ги закачат на некое дрво и да си пожелаат добро здравје и среќа, со некаква вера дека желбите ќе им се исполнат. Вадењето на мартинката, пред време, се смета за несреќа и затоа луѓето ја чуваат со страв. Таквото верување нема никава врска со православната вера, туку е обично суеверие. Ние христијаните си носиме на рака или во рака бројаничка, украсена со крвче, која ни служи за молитва…“
Ставот на МПЦ очигледно има друг подтекст. Во Македонија некој сериозно е загрижен од обновувањето на традицијата, која во комунистичко време беше заборавена. Постарите луѓе сепак паметат дека како мали носеле мартинки на рацете. Во денешно време оваа традиција е оживеана, а во Скопје и на други места веќе се продаваат мартинки и луѓето со радост ги носат. Потсетуваме дека и браќата Миладинови во своите ʺБългарски народни песниʺ за мартинките го пишуваат следново: ʺ Мартинки. Дента спроти Марта сучат цървено и бело, предено со цело; и утрината го клавает на децата на гърло, на ръце и нодзе за здравье. Тие се викает мартинки и со ним в Струга стретват ластовиците. Тая вечер пременувает местата, къде спавале до тога, за да не ги ядат болви. Той ден малите деца прават ластовица от дърво шикосано и пейет по къщите: „Ластовица идеше, Църно море пливаше…“ Во ‘сиот месец не ядат зелье, останато од по-напрежниот ден.ʺ
Овде меѓутоа изникнува следново прашање: зошто МПЦ толку жестоко го „брани“ христијанството од паганскиот обичај поврзан со мартинките, а во исто време нема ништо против во црквите на Македонија да се појавуваат други пагански симболи, кои немаат никаква врска со христијанството, како што е античкото сонце на Вергина.
Што заедничко има сонцето на Вергина со христијанската вера, како впрочем и фреските со Александар Македонски, кои се отвораат на не една и две места во храмовите? МПЦ должи одговори на овие прашања. Инаку изгледа дека таа служи на нечии други интереси кои немаат многу заедничко со Бог и верата. Бидејќи како што велат светите отци: „Бог нема ништо заедничко со ѓаволот. А на два господара не можеме да им служиме …“
А додека не се одговори на овие прашања никој не може да ги спречи луѓето да чекаат пролетта со радост во душата и со мартенка на раката!
Ана Кочева
