
Косовскиот премиер Иса Мустафа инсистира да се промени форматот на дијалогот меѓу Приштина и Белград, а самиот дијалог да биде забрзан.
Во интервју за порталот „Телеграф“ тој рече дека дијалогот треба да биде динамичен, со јасни временски цели, пренесе Танјуг.
На прашањето за форматот Иса Мустафа прецизира дека одлуката ќе се донесе во договор со европските партнери.
„Составот на нашите делегации треба да е посеопфатен, вклучувајќи членови на опозицијата и граѓанското општество, а дијалогот да заврши во блиска иднина“, посочи Мустафа.
Осврнувајќи се на прашањето за рушењето на ѕидот во градот Косовска Митровица кој го дели градот на српски и албански дел, премиерот истакна дека одлуката е донесена во разговори со локалното раководство, а не со Белград.
