Иван Иванов Станчов e роден на 1 април 1929 година. Во 1943 година неговото семејство е принудено да емигрира. Го завршува Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, САД. Служи во Американската армија (во Бугарската чета во Германија). Работи за IBM и други компании во високо-технолошката индустрија во Њујорк, Рио де Жанеиро, Париз, Атина и на друго место. Владее 8 јазици. Во 1991 година е назначен од претседателот Желев за бугарски амбасадор во Лондон, а во 1994-1995 година – и за службен министер за надворешни работи во владата на г-ѓа Ренета Инџова. Тој е потомок на стар бугарски род, кој може да се проследи до XVI в. во Берат (од старобугарскиот Белград) во јужна Албанија и се преселил се во XVIII в. во Свиштов. Потомствен дипломат.

Како гледате на Бугарија денес?

Секогаш сум си ја замислувал Бугарија така, како што сум  си ја запомнил кога си заминав. Јас си заминав од Бугарија, кога бев на 13 и пол години, бев во Варна, во една убава градина. Имаше војна и требаше одеднаш да заминеме. Прво за Романија, потоа низ Австрија за Швајцарија. Никаква идеја немаше каде  ќе завршиме. Тоа е детскиот ми спомен од таа разделба. За мене Бугарија засекогаш е таа прекрасна градина на која се сеќавам.

На што ве научи татко ви? Знаеме дека татко ви е најголема фигура во вашиот живот.

Прво татко ми ме научи на она што е добро а што е лошо.

Тој беше многу добар градинар, се гордееше  со тоа и држеше на тоа да ми го предаде. Кога работеше во Министерството за надворешни работи, доаѓаше во неработните дни за време на почивките, ме водеше  во градината и ми објаснуваше на долго и на широко како да се грижам за неа. Паметам дека сакаше да имаме праски, а немавме. Посадивме дури и бадеми, но за праски тој држеше да земе гранчиња од Италија и да накалеми со нив други овошки во градината во Варна. За него беше многу важно градината да биде совршена.

Од политичка гледна точка во времето на Втората светска војна за него беше многу важно да се работи за бугарските Евреи. Имаше еден близок – бугарски Евреин – но со германски пасош, со кого разговараа околу ситуацијата која во тој момент беше многу критична во врска со германските идеи за нивно депортирање и заедно работеа по наоѓање на решение. Како конзул во Галац во 40-те години на минатиот век татко ми си беше поставил за главна цел да помогне на десетици илјади Бугари од Таврија кои се преселиле во Бугарија. Им обезбедуваше  храна, засолниште и сместување во Бугарија. Многу од нив спасил од прогонството во земјата по наредба на Сталин со тоа што ги превезувал преку границата со личен автомобил кој беше дипломатски и се користеше со соодветните протекции. Секогаш бил човек со мисија.

Споделете ни скап семеен спомен поврзан со наследственоста меѓу Вас, татко Ви и дедо Ви?

Баба ми беше Французинка (бел. ред. – Грофицата Ана Роз Каролин Делфин Жозефина Франсоаз де Грено – Станчова е Французинка со потекло од савојската кралска династија), со исклучително воспитување и строг протокол во однос на сите исконските  вредности. Таа сакаше ние да го исполнуваме овој протокол. Од една страна, бидејќи дедо ми имал важна одговорност за Бугарија во минатото и затоа што тато ја имаше на друго ниво истата одговорност, и од друга страна, за да предадеме тоа чувство за одговорност кон родот и неговата историја  која треба да се чува и брани и од животот и делата на децата на своите деца.

Кога бев назначен за амбасадор во Лондон во 1991 година, ги поднесов своите акредитивни писма на кралицата Елизабета II, облечен во униформата на мојот дедо, со која тој беше облечен 80 години порано, кога ги предал своите акредитивни писма како бугарски амбасадор во 1908 година на нејзиниот дедо, кралот Едвард VII. Кралицата го научи тоа, беше трогната и ми оддели многу повеќе од протоколарните неколку минути. Се сеќавам и како при посетата на британскиот Парламент во тоа својство бев замолен од одговорниот за дипломатскиот протокол да се потпишам во книга во која поздрави поднесувале  во текот на годините други амбасадори. Почнав да ја одмотувам книгата и за изненадување на церемониал мајсторот  и со негова помош го најдовме потписот  и поздравот на дедо ми. Службеникот беше исклучително возбуден. Тој самиот прилично возрасен во тоа време и цел живот „чувар“ на овој документ вели дека вакво нешто се случува за прв пат во целата историја и уште дека по таков историски случај е редно книгата (и без тоа нејзините страниците и беа свршиле) да биде завршена, да отиде во музејот и да започнат нова. Имам и многу други скапи за мене спомени, но овие ме исполнуваат со гордост дека можев да ја продолжам фамилијарна традиција по татко си и дедо си и да работам за Бугарија со таа висока одговорност.

Ја следите ли ситуацијата во САД? Како го објаснувате феноменот „Трамп“?

Ова е непријатно прашање. Не за мене. Непријатна е ситуацијата. Јас сум американски демократ. Живеев како американски државјанин, таму ја отслужив воената служба и учев, така што имам однос кон американската внатрешна политика како местен. Во САД треба порано да одлучиш дали си републиканец или демократ. А потоа го избираш едното или другото. А штом си демократ, не можеш да гласаш за републиканец. Тоа е јасно. Како демократ јас ги поддржувам демократите. Трамп е републиканец и како таков е априори неприфатлив за мене. Но и надвор од тоа – КОЈ е Трамп? Еден човек кој за Америка е едно ништо. Еден богаташ, кој направи едни пари и само се перчи со нив и со убави дами. Во овие избори, за мене победничка е кандидатурата на демократите. Тие се оворени во својата политика и се обидуваат да направат нешто нормално и добро за земјата. Видовме едно успешно управување на Обама. При така создадената околност  најдобро за САД  е да бидат управувани од демократ. И се чини дека тоа ќе биде уште еден историски момент за нивната демократија. Уште еден чекор кон разбивањето на догмите на статус квото. А тоа е уште подобра вест.

Што се случува со Европската унија? Некои тврдат дека кризата е голема и се продлабочува дека Унијата не може да се соочи со предизвиците на современиот свет – на бегалската криза, атентатите. Сметате ли дека ЕУ има иднина? Веројатно треба да се реформира, но дали сметате дека ЕУ е обречен?

Многу се радувам што рековте дека Европската унија има иднина. Благодарам што рековте токму тоа. Бидејќи за Европа овој сојуз е многу важен. Важен е и во контекст на геополитичката соработка со САД, но за самата Европа овој сојуз е многу важен и ова е особено точно за малите земји. Имаме големи проблеми. Така е. И изгледа дека г-дин Путин се обидува да претера со глупостите. Мислам дека тука има едно големо недоразбирање од страна на Русија за она што е Европа денес, во 2016-та година и што е Европската унија како здружување на повеќе држави на Стариот континент. За мене не е моментот сега да се зборува за големи тактики, прераспределување на територии и нови војни. Европа е важна пред сè. Тоа е нешто што Русија тешко го асимилира. Во Русија луѓето се навикнати во минатото, дека тие се најважните дека империјата Русија е таа што води сè и Путин сака да игра на истиот начин. Но очигледно тоа не е така денес. Или, како што кажа германската канцеларка Меркел, кога беше во Бугарија: „Она што и треба на Бугарија е едукација, образование, образование“. Мислам дека тоа  важи и за Европа, и за Русија – едукација, образование, образование. Луѓето не знаат во Европа другиот каков е. Како можеш да живееш со него. И како можеш да работиш со него и да постигнеш добра соработка. На тоа, тие треба да се научат.

Во овој контекст како гледате на референдумот во Велика Британија за излез од ЕУ. Погледнато од лондонскиот Ви живеалиште како изгледаат работите? И гледано од  варненската ви куќа како изгледаат тие? Има ли различна гледна точка?

Тоа е големо прашање. Јас живеев во Британија доста години, жена ми е шкотлаѓанка. Во Англија има една нормална демократија. Работите одат доста добро. Имаат и вина, но работите одат. За жал Англичаните не знаат што е точно обединета Европа. Немаат ни најмала идеја. Постојат многу Англичани, кои се „ЗА“ излез од ЕУ, бидејќи не разбираат што се случува. Тие нема да знаат и за што гласаат. Важно е Велика Британија да остане во ЕУ, затоа што има многу добри практики, многу добри и работечки системи кои се важни за Европа. Бидејќи Европа е токму тоа – збир од работечки добри практики и системи на различните држави, кои се учат една од друга и на тој начин одат напред. И Велика Британија има што да покаже од гледна точка такви добри практики во насока на тоа како се прават избори, од гледна точка на даноци, од гледна точка на тоа како се грижат за социјално нерамните во секој поглед, вклучително и за луѓе кои не се Англичани, итн Имаме многу Англичани кои не се заинтересирани воопшто што се случува, бидејќи тие се добро. Мафтаат со рака: „Сега што правиме во Европа, ајде да ја заборавиме.“. Тоа ќе биде многу негативно, многу негативно за Велика Британија, а и за Европа во целина.

Што е патриотизам за Вас? Што е да си бугарски патриот?

Хм, на ова прашање нема лесен одговор. Зборувавме за Англија досега. Тука да ја сакаш Британија значи да знаеш какви се трендовите во целина – политичките и економските кои влијаат на општествените процеси и животот воопшто и соодветно да оценуваш дали работат добро. Англичаните се сосема задоволни од она што го имаат. Во Бугарија ние ја  немаме тоа едукација за кое зборував до пред секунда. Ние не се сеќаваме на нашите дедовци што правеле и како го правеле и зошто Бугарија денес воопшто постои. Не си даваме сметка за фактот дека нашите дедовци многу години работеле многу за Бугарија и занејзината благосостојбата. Ние сме заборавиле на најдобрите традиции на политика, дипломатија, дури култура. Во Велика Британија, во Германија на пример го има овој континуитет во годините, дури вековите. Луѓето ги познаваат овие традиции и продолжуваат да работат на нив. Следат принципите кои ги базираат. Во Бугарија тие не постојат. Секој мисли дека има некаква нова идеја, која штотуку ја открива. А така не станува. Треба да се базира врз основа на претходните искуства и најдобрите традиции. И треба на тоа да ги учиме и децата. Тие да разберат. Не само што пишувал Вазов и каде бил Левски и каде трчал и зошто и како го убиле, но да разберат за нашите предци, како тие работеле за Бугарија. Јас се сеќавам како дете во едно село во близина на Самоков, беше навистина мало село, попот како работеше по цело лето, за да извади доволно овошје и зеленчук, за да може да обезбеди не само за еден нормален живот за своето семејство, но и за да го испрати и синот, и ќерката да се учат во странство. Тоа беше 1940-та година. Но реално во историски димензии – пред неколку години! Денес многу луѓе се обидуваат да ги испратат своите деца во странство да се учат, за да најдат полесно работа. Но ние сме заборавиле на овие обични луѓе како работеле во минатото Бугаринот да има образование, да знае од каде е и зошто е и да живее и работи нормално со неговиот сосед, а не да се обидува да краде лево и десно.

Кои се денешните бугарски патриоти? Во оваа врска за жал пред неколку дена почина Ивон Паница – Ваша многу блиска пријателка и сопруга на вашиот братучед Дими Паница. Можете ли да ни кажете нешто за Дими и Ивон?

Со фамилијата Паница имаме семејна врска, која е многу тесна и многу важна. Тие беа едно вистински богато семејство – и како можности, и како вредности. Живееја и во Варна, и во Софија. Нивна е куќата, која стана подоцна кинеска амбасада во времето на комунизмот. Евстати Паница беше прекрасен, многу космополитски човек со едно видување за животот надвор од тесните рамки. Неговата сопруга, исто така. Дими многу научи од своите родители. Без големи претензии, тој како емигрант во исто време како мене беше во Париз, работеше за „Ријдер Дајджест“ и се наложи. Во годините направи многу за Бугарија. Можеше да покаже до каде можеме да стигнеме и со едукација, и со морални принципи и со следење на токму овие традиции на континуитет, за кои зборував. Ивон беше една прекрасна французинка, многу интелигентна, која исто така многу помогне на Бугарија. Таа беше најдобриот амбасадор на земјата меѓу своите сонародници постојано „проповедајќи“ колку е прекрасна и значајна Бугарија, кои се нејзините предности и колку е важна таа за Европа. И двајцата беа големи Бугари. И јас сум им многу благодарен за прекрасното пријателство. Со Дими Паница имавме традиција да се слушаме често по телефон со едно прашање еден кон друг: „Ти што добро направи денес за Бугарија?“. Непосредно пред да почине, тој ми се јави како многу често пред тоа, но ми рече: „Пријателе, ти добиваш! Јас си одам, но да знаеш дека ќе продолжиме таму – горе! „Нема да го заборавам тој  разговор. Таков човек беше мојот братучед Дими Паница, така ќе го запаметам.

До кој степен според Вас современиот Бугарин – оној кој не живее веќе во тоталитарниот систем – е отворен кон каузата „добротворни цели“.

Кога се вратив, видов дека работите божем се подредени, но имаше и многу далавери. И десно и лево. Едни стари пријатели ми рекоа: „Внимавај, тука сè не може да се прави. Луѓето си имаат свои ставови. Треба да се сообразуваш „. Моите родители беа неверојатно дарежливи и добри и многу сум научил од нив. Може да се каже истото и за принципите на баба ми и дедо ми. Видов дека во Бугарија има проблеми. Главно со образованието на децата – како ќе се учат, каде ќе се учат како може да научат повеќе за Бугарија, за нашата историја, да работат подобро. Видов дека има многу деца со физички проблеми и здравствени проблеми. И решив да се обидам да направам нешто што сум го видел во Америка и во Англија, како тоа функционира многу добро за деца со проблеми. И затоа направивме со семејството ми една добротворна организација која да може да им помага на родителите на овие деца, кои имаат најголема потреба. Мислам сосема отворено дека имаме многу добри резултати во Варна. Имаме сведоштва од целиот свет. А веќе има и многу слични организации во Бугарија, кои се создаваат на нашите позитивни практики во „Карин дом“, дури и од луѓе кои се школувале кај нас. Јас мислам дека тоа е најголемото признание – резултатите кои ги постигнуваме, бидејќи тие се мерат во развојот на децата. Многу се гордеам со фактот дека сме стигнале до нешто многу позитивно.

На крајот сакам да завршам со нешто што за вас е многу важно. Познат сте со вашиот оптимизам. Зошто сте оптимист за Бугарија?

Хах, не знам дали е показател дека јас сум оптимист за Бугарија, бидејќи јас сум оптимист по природа (се смее) и сум оптимист, бидејќи мислам дека може да се направи нешто позитивно во животот воопшто. За Бугарија … Јас се вратив по долги години. Бев многу мал, кога ја  напуштив. Пред да се вратам  повторно да живеам во Бугарија, сум бил низ целиот свет и сум запознал многу народи како начин на живот и на глобално и во чисто битова смисла – од тоа каква е нивната политика, до тоа како комуницираат едни со други. И кога се вратив во Бугарија си реков – да видиме какви се проблемите и што може да се направи. Едното што се обидов да направам е за децата – тие да пораснат нормално, да станат добри Бугари. Таму се започна нешто ефективно. И тоа беше нашето искуство со „Карин дом“. Сега, можеби и поради мојата возраст, се обраќам до проблемите на постарите луѓе. Изгледа и во оваа област има проблеми тука. Ќе се обидам да видам што може да се направи и да работам за тоа. Слушам дека има различни програми дека и владата помага, иако едвај помага многу, но ќе видам дали можам јас да помогнам со нешто по тоа прашање. Има добри практики за тоа како младите комуницираат со постари и оддаваат доброволно сод воето време. Како соседи помагаат на соседи. Изгледа треба да се обратиме повеќе еден кон друг. И на овие мали, но толку важни работи – помош преку нормално човечко општење … Не ми се чини толку тешко, нели ?!

Три генерации Станчови

Таткото на Иван Станчов – Иван Димитров Станчов – е дипломат во бугарското Министерство за надворешни работи од 1928 година. Во 1931-1936 година е на дипломатска служба во Рим како стигнува до функцијата charge d’affaires. Во 1937-1942 година работи како началник на оддел „конзулско“ во Министерството за надворешни работи, по што, до јуни 1944 година е генерален конзул во Галати, Романија. На овој пост помага да се преселат во Бугарија за време на Втората светска војна на околу 40.000 тавриски Бугари. Во времето на окупацијата на Бугарија од Црвената армија по 9 септември 1944 година повеќето од овие Бугари биле вратени од марионетскиот бугарски режим во Сталиновиот  Советски Сојуз, каде што нашле смрт во Гулаг.

Дедо му – Димитар Јанев Станчов – по изборот на Фердинанд Сакс-Кобург-Гота за бугарски кнез тој е негов личен секретар (1887-1889) и шеф на неговиот кабинет (1889-1894). Неговата сопруга е француската грофицата Ана де Грено. Едвај да има по  импресивна дипломатска кариера во новата бугарска историја од онаа на Димитар Станчов. Бил амбасадор на Бугарија во следниве земји: Романија (1894-1895), Австро-Унгарија (1895-1897), Русија (1896-1906), Велика Британија (1908), Франција (1908-1915), Белгија (1910-1915) и Италија (1915), повторно Британија (1920-1921), Белгија (1921-1922) и Холандија (1922-1924). Во периодот 1906-1908 година е министер за надворешни работи во владите на Димитар Петков и Петар Гудев, а по убиството на Димитар Петков за неколку дена ја предводи и бугарската влада. Се спротивставува на вклучувањето на Бугарија во Првата светска војна и за време на војната е отстранет од служба. По Првата светска војна Димитар Станчов е главен секретар на делегацијата, која го склучила Нојскиот договор (1919). Во 1924 година конечно поднесува оставка, не се согласувам со политиката на владата на Александар Цанков.

Иван Станчов е еден од најголемите донатори во современа Бугарија. Пред точно 20 години тој создава во куќата на баба си и дедо си во Варна, речиси исклучиво со сопствени средства и на приватни донатори хуманитарната фондација „Карин дом“, која се занимава со социјалната интеграција и обука на деца со физички хендикеп и нивните семејства . Досега во фондацијата се обучувани околу 2000 деца.

Иван Станчов е и иницијаторот на формирањето на Зала „Донација родот Станчови“ во Националниот историски музеј во Софија, претставува најбогатата збирка на предмети и документи од Третата бугарска држава (1878 – 1946 година). Донацијата содржи повеќе од 290 експонати, од кои некои се буквално непроценливи.

–––––––––––––––-

Ивет Добромирова, експерт за јавна комуникација, со долгогодишна кариера како новинар во БНТ.

интервjуто е превземено од Терминал3 ( www.terminal3.bg )

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO