
Властите во Приштина ќе создадат посебна комисија чија задача ќе биде да измери територијата на целата Република Косово, пишува локалниот весник „Експрес“, цитиран од македонските медиуми.
Одлуката доаѓа откако Косово не може да го ратификува договорот за демаркација на границата со Црна Гора поради несогласувањето на опозицијата и дел од пратениците на владејачката коалиција, кои ја обвинуваат владата дека отстапува на својот западен сосед 8000 хектари од територијата.
Ратификацијата на овој документ е еден од клучните услови на ЕУ за укинување на визите за Шенген зоната на косовските граѓани.
Комисијата ќе биде составена од претставници на научните кругови, на опозицијата, граѓанскиот сектор и на регионот Пеќ, во кој се наоѓа овој дел од границата, за која станува збор. Предвидено е место во комисијата да најдат и претставници на силите на НАТО во Косово, КФОР, мисијата на ЕУ во земјата „Еулекс“ и амбасадата на САД.
Премиерот Иса Мустафа изјави дека целта е да се утврди дали со договорот Косово навистина ќе загуби дел од својата територија, во кое се сомнева опозицијата.
Се очекува комисијата да ја заврши својата работа до крајот на јануари 2017 година
