По вчерашното гласање на предвремените парламентарни избори, Македонија се подготвува за вистински избори догодина. По вчерашните резултати земјата ќе се соочи со нови предизвици и опасност од нови блокади од опозицијата и од лицето на Зоран Заев поради наредниот негов неуспех, пишува во денешниот коментар Пламен Јотински, главниот уредник на бугарската агенциjа БГНЕС.

Партијата на Заев практично доби пет мандати од албанскиот електорат, нешто што никогаш досега не се случило во независна Македонија. На сето ова треба да се додаде и вметнувањето на опозицијата на задна врата, без освоен мандат за тоа, во управувањето со земјата преку министерските позиции во клучни сектори на македонската Влада. Во таа смисла резултатите за ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат прифатени како успех. ВМРО-ДПМНЕ ќе добие најмалку 51 или најмногу 52 мандати…

Во албанскиот блок почна ерозијата на партијата на Али Ахмети, ДУИ, која ќе има 10 мандати. Сигурно ова ќе бидат последните избори на кои Ахмети ќе биде најголемиот албански фактор во земјата. Беса е следниот клучен играч и особено по следните избори. Овие изборни резултати се добра основа за формирање на влада со ограничен мандат меѓу 6 и 9 месеци. Ако новиот кабинет биде формиран кон крајот на оваа година, тогаш следните предвремени парламентарни избори може да се одржат во јуни или септември следната година. Во овој период очигледно е дека во двете водечки македонски партии ќе има чистење.

Сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ за очекување е дека нема да прифати да биде премиер на земјата и ќе го отстапи местото на експерт кој ќе ја води земјата до јуни-септември. Во овој период новата влада ќе ги изврши сите потребни реформи и ќе ја подготви земјата за нови избори, но овој пат без „товарот од минатото и обвинувањата за недостаток на напредок“ од страна на меѓународниот фактор. Во исто време владата нема да се занимава со решавањето на стратешките прашања за земјата, што нема да создава надворешни непријатели. Со својот политички коментар вчера, за време на гласањето во родниот град Гевгелија, специјалната обвинителка Катица Јанева, практично призна дека таа во наредните  месеци ќе продолжи да дејствува како коалициски партнер на опозицијата. Сигурно ќе има и повици за создавање на уште една нова институционална структура – специјален суд.

Улогата на претседателот Ѓорге Иванов ќе избие во преден план и тој ќе мора да покаже државничко и размислување и однесување. Иванов ќе треба, смета Јотински, да го блокира секој обид за дестабилизација на земјата и да ги заштити националните интереси на државата.

Ако вчерашните избори се сметаа за најсуровите за ВМРО-ДПМНЕ, тогаш е логично наредните избори, во јуни-септември, да бидат во нејзина корист и таа да го добие потребното мнозинство за управување. А на следните избори ВМРО-ДПМНЕ за првпат ќе има и десен албански партнер во лицето на Беса и ДПА, а не, како што беше досега, енверист и ленинистичкиот револуционер во лицето на Али Ахмети. Во следните месеци сигурно ќе има потреси и во СДСМ, каде Зоран Заев речиси сигурно ќе ја загуби битката со Стево Пендаровски. Вчерашните „прослави за победата“ во центарот на Скопје беа обид да се прикријат тешките противречности во седиштето на поранешните комунисти. Во негова помош веднаш ќе притекне „вечниот стратег“ и поранешен агент на државните служби Љубомир Фрчкоски, кој ќе се претвори во татко на нови „пронајдоци за институционално блокирање на Македонија“. Во корист на стабилизирање на нашиот западен сосед ќе има и неколку меѓународни и регионални фактори, смета Пламен Јотински.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO